Connect with us

Култура

Почина Јасмина Зисовска, една од најистакнатите активисти за заштита на манастирот во Матејче

Почина Јасмина Зисовска-Зис, историчарка на уметност од Куманово, една од најистакнатите кумановки која со децении алармираше за исклучително лошата состојба за манастирот во Матејче, жената која ги биеше камбаните на манастирската црква за да предупреди, за сите да слушнат што му се случува на овој бисер на македонската култура.

Зисовска е родена на 28 февруари 1959 година во Куманово каде завршува основно и средно образование (гимназија) по што се запишува на Филозофски факултет на УКИМ во Скопје, група историја на уметност со археологија. Дипломира 1984 година, по една година вработува во НУ Музеј – Куманово, тогаш Народен музеј, како кустос историчар на уметност.-Првите десет години ги истражува христијанските сакрални споменици во Куманово и кумановско. Плод на теренските истражувања е каталогот за „Иконите во Кумановско“ во соработка со колешката од Музеј на Македонија, Викторија Коробар (2001), издаден по повод 2000 години од христијанството, а иконите беа сместени во Галеријата на икони во црквата „Св. Никола“ во Куманово). Има објавено напис „Црковни споменици во Кумановскиот крај“, во музејски гласник бр. 1 (1994) во издание на Народен музеј – Куманово-наведуваат од НУ Музеј Куманово.

Наредните десет години работи како кустос за современа уметност во Уметничката галерија, која е составен дел на Музејот, каде активно работи на реализирање на самостојни и групни изложби, особено на традиционалните изложби „Кумановски ликовни уметници“ и „Ликовна колонија Куманово“. Во НУ Музеј-Куманово работи до 31.12.2004 година, а од 1.1.2005 година преминува во Управата за заштита на спомениците на културата при Министерството за култура во Скопје, каде работи како советник инспектор за културно наследство, – историчар на уметност, сè до 2019 година, и поради здравствени проблеми, повторно се враќа и работи во Музејот во Куманово, сè до нејзиното пензионирање, 28.2.2021 година.

Зисовска ќе остане запаметена како една од најистакнатите кумановки која со децении, по воениот конфликт 2001 активно се залагаше за заштита на манастирот посветен на Богородица кој беше во исклучително лоша состојба, постојано предупредуваше за негова заштита за еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4