Економија
Нов повик за инвертер-клими: Првпат целосно електронско аплицирање – без редици, брза едноставна постапка
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објавува јавен повик за доделување потврда – ваучер за купување и вградување инвертер-клима уреди, наменет за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2026 година. Рокот за поднесување на барања изнесува 30 дена од денот на објавување на јавниот повик.
– Првпат процесот на аплицирање ќе се одвива целосно електронски, преку веб-страницата на Министерството, со што значително се поедноставува постапката за граѓаните. Наместо досегашното доставување документи во хартиена форма и чекање пред архиви, апликантите ќе може да го завршат целиот процес онлајн – брзо, едноставно и без непотребни административни бариери. Ова претставува конкретен чекор кон дигитализација и модернизација на јавните услуги, со јасна цел – институциите да бидат поблиску до граѓаните и нивните реални потреби. Начинот на аплицирање ќе биде детаљно објаснет и јавно достапен за да се обезбеди еднаков пристап за сите заинтересирани – велат од Министерството.
Јавниот повик се спроведува во согласност со програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2026 година и предвидува доделување ваучери за набавка и вградување инвертер-клима уреди со моќност од 3,5 kW и најмалку енергетска класа А+, со што директно се придонесува кон намалување на трошоците за енергија и подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата.
Право на учество имаат домаќинства во кои живеат лица корисници на надоместок заради попреченост, како и домаќинства со деца со попреченост, кои користат посебен додаток до 26 години, при што се утврдени јасни доходни критериуми за 2025 година. При пресметката на вкупниот доход не се земаат предвид надоместоците за попреченост, со цел поддршката да стигне до оние на кои им е најпотребна.
Право на учество имаат: домаќинства со лица корисници на надоместок заради попреченост, чиј вкупен месечен нето доход во 2025 година не надминува: 30.000 денари за едночлено домаќинство, 45.000 денари за домаќинство со два члена, 63.000 денари за домаќинство со три члена, 83.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена (во пресметката не се вклучува надоместокот заради попреченост). Право да учествуваат имаат и домаќинства со деца со попреченост (до 26 години), корисници на посебен додаток, со месечен доход во 2025 година до: 45.000 денари за домаќинство со два члена, 63.000 денари за домаќинство со три члена и 83.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена (во пресметката не се вклучува посебниот додаток).
Како што појаснуваат од Министерството, едно лице може да поднесе само едно барање од домаќинство, не се опфатени лица што користат цивилна или воена инвалиднина, корисници на гарантирана минимална помош и додаток за енергенти.
април 3, 2026

