Вести
Заменик-министерот Зоран Димитровски го отвори настанот по повод одбележувањето на Месецот на франкофонијата
По повод одбележувањето на Месецот на франкофонијата во Република Северна Македонија, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија организира настан на тема „Моќни жени: Портрети на инспиративни франкофони“, на кој воведно обраќање имаше заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски.
Во своето обраќање заменик-министерот Димитровски ја истакна важноста на франкофонијата како значајна платформа за зајакнување на меѓународната соработка и мултилатерализмот. Тој особено се осврна на улогата на жените во современото општество и во дипломатијата нагласувајќи дека тие претставуваат двигатели на позитивни промени и одржлив развој.
„Охрабрува фактот што во пресрет на изборот за генерален секретар на Обединетите нации сè погласни се очекувањата дека првпат оваа позиција би можела да ја заземе жена, што претставува значаен чекор кон унапредување на родовата еднаквост на глобално ниво. Дополнително, беше нагласено дека фактот што државата има жена претседател испраќа силна порака за местото и улогата на жените во општеството”, истакна Димитровски.
Заменик-министерот упати порака и до младите охрабрувајќи ги активно да се вклучат во општествените процеси, да инвестираат во своето образование и да придонесуваат кон зајакнување на односите со франкофонскиот свет.
Настанот продолжи со панел-дискусија, на која свои обраќања имаа Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Француската Република, Моника Аксинте, амбасадорка на Романија, како и Кристоф Сомер, амбасадор на Швајцарската Конфедерација, кои ги споделија своите искуства и размислувањата за улогата на жените во франкофонскиот свет и во современото општество.
Со овој настан уште еднаш беше потврдена посветеноста на Република Северна Македонија кон унапредување на франкофонските вредности, родовата еднаквост и меѓународната соработка.
март 27, 2026

