Економија
„Свис чам МК“: Сè поголем е интересот за инвестирање во Македонија, помина времето кога странските компании нè гледаа како нискоквалификувана работна сила
Сè повеќе инвестиции доаѓаат во Македонија и сè поголем е интересот за вложување во земјата. Помина времето кога странските компании нè гледаа како нискоквалификувана работна сила – порача денеска Соња Стефановска, претседателка на новоформираната Швајцарска комора на Северна Македонија („Свис чам МК“). Комората беше промовирана како нова платформа за унапредување на економската соработка, инвестициите и деловното вмрежување.
Како што оцени Стефановска, Македонија има уникатна можност во овој период, кога сите земји размислуваат за подоби синџири на снабдување, да се позиционира како држава која станува сè поважна во економската иднина на Европа.
– Помина времето кога странските компании гледаа на Македонија како на нискоквалификувана работна сила. Сè повеќе се цени нашата висококвалификувана работна сила и постои простор за развој на нашата технологија и иновациите. Глобалните геополитички случувања и пандемијата придонесоа сите земји да размислуваат за подоби синџири на снабдување зашто тие беа и најатакувани. Македонија има уникатна можност во овој период да се позиционира како земја која е на дофат на Европа, која станува сè поважна во економската иднина на Европа. Сметам дека тука лежи огромен потенцијал, само треба здружено да го одработиме сето тоа заедно. Имаме доволно добра база зашто во Македонија веќе има директни странски инвестиции во зоните, кои се добар пример за привлекување други инвестиции – истакна претседателката на „Свис чам МК“.
Според неа, присутните швајцарските компании во Македонија треба да се искористат како своевидни амбасадори зашто потенцијалните швајцарски инвеститори најпрвин преку нив се информираат и дознаваат какви се бизнис-условите кај нас и дали е добра климата за инвестирање.
– Сметаме дека е вистинско време за формирање на Комората зашто сè повеќе инвестиции доаѓаат во Македонија и сè повеќе интерес има за инвестирање. Вистинско време е тие компании што се присутни тука, на македонскиот пазар, да послужат како позитивен пример за привлекување повеќе идни инвестиции во Македонија. Идејата е како Комора да се позиционираме на пазарот, да понудиме нешто поинакво – преточување на нашите добри практики и споделување со другите фирми во земјата за да можеме да ги приближиме за подобра соработка со Швајцарија – напомена Стефановска.
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, информира дека има најави и од други земји дека сакаат да се посветат на формирање коморски институции, со цел натамошен развој на македонската економија и на бизнис врските.
– Министерствиото бележи позитивен тренд на формирање нови стопански комори од разни земји. Пред некое време беше формирана Шведско-македонската комора, а има најави и од други земји дека сакаат да се посветат на формирање ваков тип институции, со цел натамошен развој на македонската економија и на бизнис-врските со овие земји. Сметам дека примерот на компаниите со швајцарски капитал што работат во Македонија преку „Свис чам МК“ ќе бидат промовирани како позиитвно искуство и се надевам дека на тој начин многу швајцарски бизнисмени и компании, користејќи ги тие примери, ќе се одлучат за инвестирање во Македонија – истакна Димитровски.
Основачи на „Свис чам МК“ се повеќе од 70 компании, меѓу кои „Баумер“, „Макстил“, „Ронтис“, „Медитеранеан шипинг компани“ и „Пакомак“. Земјоделството, агробизнисот, ИТ-секторот и делот на производството се само некои од областите во кои, како што беше речено, имаат потенцијал за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Швајцарија.
– Првиот фокус е да почнеме од она што е добро изградено, да го доразвиеме, но не е исклучен ниеден од секторите – и за извоз од Македонија и за настап на швајцарскиот пазар и за привлекување инвестиции кај нас – рече претседателката на Комората одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата.
март 25, 2026

