Вести
Тошковски: „Нула корупција во полицијата“ – промовиран планот за професионален интегритет 2026 – 2028
Планот за професионален интегритет 2026 – 2028 е значаен инструмент во нашите напори за искоренување на корупцијата. Нашата цел е јасна – нула корупција во полицијата – порача денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на промоцијата на планот за професионален интегритет 2026 – 2028 на Министерството за внатрешни работи, изработен во рамките на програмата на ДЦАФ за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор 2021 – 2026.
Планот ги утврдува стратешките приоритети, институционалните обврски и конкретните мерки за унапредување на интегритетот, транспарентноста и одговорноста во полициското работење.
Во своето обраќање министерот Тошковски ја нагласи клучната улога на интегритетот како темел на професионалната и современа полициска служба.
– Интегритетот е основа врз која се гради довербата на граѓаните. Чесноста, праведноста, одговорноста и транспарентноста не се само зборови, тие се вредности што мора доследно да ги практикуваме доколку сакаме вистински да го зајакнеме владеењето на правото – истакна Тошковски.
Тој посочи дека новиот документ, заедно со акцискиот план, е клучен инструмент во борбата против корупцијата во полициските редови.
– Само со доследна примена на законите, со силни механизми за надзор, транспарентност и лична одговорност, можеме да изградиме институција во која граѓаните ќе имаат целосна доверба – нагласи министерот.
Тошковски додаде дека МВР, во координација со Владата, континуирано ги зајакнува мерките за превенција, детекција и санкционирање на корупцијата, како и професионалните компетенции на полициските службеници преку обуки, развој на етичките стандарди и модернизација на внатрешните процедури.
Министерот изрази благодарност до Европската Унија, како и до Швајцарија, Шведска и Холандија, како и до ДЦАФ и проектниот тим за нивната континуирана поддршка во спроведувањето на реформите во безбедносниот сектор.
март 25, 2026

