Connect with us

Економија

Мицкоски: Владата ги следи предизвиците од кризата во Заливот, враќаме стар долг од 2,5 милијарди и ги држиме најниските цени на горивата

Кризата во Персискиот Залив претставува сериозен глобален предизвик и веќе се споредува со нафтените кризи од 70-тите години, изјави премиерот на Македонија Христијан Мицкоски во гостување на ТВ Алфа. Според него, денешната состојба е дури и посериозна, бидејќи на светскиот пазар недостасуваат повеќе од 11 милиони барели нафта дневно.

Мицкоски посочи дека улогата на владите е внимателно да ги следат случувањата и да ги предвидуваат предизвиците, без да се создава паника кај граѓаните.

„Наша задача како влада е врз основа на информациите од институциите да ги антиципираме предизвиците и со конкретни предлози да носиме решенија што ќе го олеснат животот на граѓаните, а не со дополнителна паника да го правиме и онака тешкиот живот уште потежок“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата веќе презела конкретни мерки за ублажување на последиците од нафтената криза, меѓу кои и намалување на ДДВ за горивата, што директно влијае врз намалувањето на цените.

Според премиерот, станува збор за чекор кој е донесен и покрај тоа што Владата била свесна дека таквата мерка ќе има сериозни фискални импликации и ќе доведе до намалување на приходите во буџетот.

Покрај економските мерки, државата се соочува и со значителни финансиски обврски. Како што рече Мицкоски, годинава треба да се вратат околу 2,5 милијарди евра стари долгови, наследени од претходната влада, што претставува сериозен товар за државните финансии.

Во исто време, Владата треба да ги исполни и обврските од колективните договори, што значи и зголемување на платите во јавниот сектор. Според податоците на Државниот завод за статистика, во јануари платите се зголемени за околу 9 проценти во споредба со истиот месец минатата година.

Мицкоски посочи дека покрај економските предизвици, државата се соочува и со политички и безбедносни притисоци, меѓу кои и прашањето за промена на Уставот, како и потенцијални безбедносни ризици поврзани со актуелните геополитички случувања.

„Сето ова се сериозни предизвици со кои се соочуваме, од економската криза, до политичките притисоци и безбедносните ризици. Наша задача е тие навреме да се предвидат и да се понудат решенија“, нагласи премиерот.

Тој додаде дека, и покрај кризата, Македонија во моментов има едни од најниските цени на горивата во регионот и Европа, поради што граѓани од соседните земји доаѓаат да полнат гориво во земјава.

Според Мицкоски, за разлика од минатото кога македонските граѓани биле во позиција да бараат помош од соседите, денес државата покажува стабилност и сигурност.

„Денес ние рефлектираме стабилност и сигурност и нудиме решенија, а не зависност“, истакна премиерот.

Тој додаде дека најлесно е да се создава паника и да се плашат граѓаните со апокалиптични сценарија, но задачата на Владата е да внесе оптимизам и стабилност.

Според него, намалувањето на економскиот јаз со развиените европски земји е долг процес кој трае со децении, но Владата работи таа разлика постепено да се намалува.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1