Connect with us

Економија

Јанкуловски: Мерката за намалување на ДДВ не е задоцнета, состојбите се следат на дневна основа

Мерката за намалување на ДДВ од 18% на 10% на нафтените деривати не е задоцнета и со тоа го штитиме стандардот на граѓаните, оцени заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во гостување на ТВ 24, стои во соопштението на Министерството за финансии кое МИА го пренесува интегрално. 

„Мерката за намалување на ДДВ од 18% на 10% во никој случај не е задоцнета.  Ги следиме работите, а факт е дека никој, па и од академската фела не знае кога ќе заврши конфликтот. Во Министерството за финансии имаме разработено неколку сценарија заедно со меѓуресорската комисија којашто е состaвена и од претставници од Министерство за енергетика, Министерството за економија и труд,  Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Тие сценарија се разгледуваат и остануваат одредени таргетирани мерки коишто би можеле да се применат при евентуална  можна ескалација на настаните на Блискиот Исток“, рече заменик-министерот.

Тој дополни дека во овој момент е активирана оваа мерка, но дека се размислува и на таргетирани мерки.

„Рано е да се прејудицира, но сепак целта е да се зачува животниот стандард на граѓаните. Имаме листа кои цени се зголемени и во кој обем. Пазарниот инспекторат е на терен и проверува дали влезните инпути ја диктираат таа продажна цена или има некои малверзации. Ги чекаме резултатите. Ако има нелогичности во тоа секако ќе се изречат и одредени казни“, рече Јанкуловски и истакна дека на дневна основа ќе се следат состојбите и во зависност од извештаите ќе се одлучи дали ќе се оди и кои таргетирани  мерки ќе се преземат се со цел да се зачува животниот стандард на граѓаните. При тоа посочи дека проблем со недостиг на горивата нема и дека во наредните 60 дена нема да се случи.

Потенцира дека Владата од почетокот е во комуникација и со бизнис секторот и со енергетските компании и со производителите на храна и дистрибутерите и оти ова не е адхок решение како во 2021 и 2022 година кога инфлацијата годишна беше 14%.  

„Оваа Влада од првиот момент на доаѓање максимално е посветена на фискална консолидација и намалување на инфлацијата. Декември ја завршивме со 4,1%, 3,2% во јануари и 2,9% во февруари. Знае оваа Влада што се презеде за да го намали буџетскиот дефицит од една страна, кој е главен параметар за фискалната консолидација, од 4,4% во 2024 година, 4%  во 2025 и доколку случувањата нема да ескалираат се надевам и 2026 да ја завршиме со 3,5%. Со тие параметри за финансиска консолидација и финансиска стабилност, зголемување на приходите, заедно со овие мерки што ги преземаме и ќе ги преземаме во иднина за заштита на животниот стандард, ќе го постигнеме она што сме го предвиделе со ревидираната Фискална стратегија“, наведе Јанкуловски.

Во гостувањето истакна дека буџетот е ликвиден и дека Владата сериозно е посветена на економскиот раст. Доколку има екстремни случувања, коишто ќе имаат влијание,  Владата реално, одговорно и искрено ќе ги изнесе аргументите доколку има корекција на проекциите коишто се планирани за 2026 година.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3