Свет
Салам: Иранската револуционерна гарда ги води воените операции во Либан со лажни пасоши
Премиерот на Либан, Науаф Салам, синоќа упати сериозни обвинувања дека припадници на Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРЦГ) стационирани во Либан, директно управуваат со воените операции на Хезболах во тековниот конфликт со Израел.
Во интервју за саудиската телевизија „Хадат“, премиерот Салам повторно упати остри критики кон проиранското движење Хезболах. Тој нагласи дека нападите на оваа група врз Израел, изведени како одговор на смртта на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, испровоцирале масовни воени дејствија од страна на израелската армија на либанска територија.
– Беше речено дека оваа војна е одмазднички напад за убиството на Хамнеи, што практично значи дека оваа војна ни беше наметната на сите нас – истакна Салам.
Либанскиот премиер потсети и на неодамнешниот напад со ирански дрон врз британска база на Кипар, тврдејќи дека одговорноста за тој чин паѓа директно на ИРЦГ. Иако официјална Никозија претходно соопшти дека беспилотното летало веројатно било лансирано од Хезболах од територијата на Либан, Салам е дециден во својата оценка за присуство на иранските сили.
– Револуционерната гарда е таа што е присутна тука и, за жал, ги раководи воените операции во Либан. Овие луѓе користат лажни пасоши и илегално влегуваат во земјата – додаде либанскиот премиер.
Претходно овој месец, владата во Бејрут презеде досега незапаметена мерка со која ги забрани воените активности на Хезболах и побара од шиитската група да го предаде своето оружје на државните институции. Салам увери дека владата останува посветена на спроведувањето на овие одлуки во пракса.
март 23, 2026

