Connect with us

Вести

Пленковиќ – Мицкоски: Македонија заслужува јасна ЕУ-перспектива

Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон членството во Европската Унија. Веруваме дека земјата заслужува јасна ЕУ-перспектива, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по синоќешната средба со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во Брисел.

Пленковиќ на својот налог на „Икс“ објави дека со Мицкоски размениле мислења за актуелните глобални случувања.

-Мило ми е што се сретнав со премиерот на Северна Македонија во Брисел. Разменивме мислења за геополитичките предизвици, безбедноста на снабдувањето со енергија во Југоисточна Европа, како и за мерките што ги преземаат двете влади за борба против порастот на цените на енергентите. Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон членството во Европската Унија. Веруваме дека Северна Македонија заслужува јасна ЕУ-перспектива – напиша Пленковиќ.

Тој и Мицкоски учествуваат на 50-годишнината од формирањето на Европската народна партија во Брисел, во чии рамки треба да се одржи и самит на лидери.

Мицкоски, синоќа, на својот фејсбук-профил, информира за средбата со хрватскиот колега, нагласувајќи дека актуелните предизвици во Европа, регионалната соработка и европската перспектива биле во фокусот на разговорите.

-На средбата беше разменето мислење за актуелните предизвици во Европа, регионалната соработка и европската перспектива, со посебен акцент на унапредување на билатералните односи и партнерството во рамките на европското семејство – наведе Мицкоски.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој со партиска делегација е во Брисел до 20 март, ќе присуствува на конгресот на Европската народна партија, на кој се поканети и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2