Вести
Турска серија во СДСМ: Филипче вели дека Шилегов е „Вмро-вец“, Шилегов му врати дека тој е „Вмро-вец“
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска, на прес-конференција во партиското седиште, појаснувајќи ја одлуката на Извршниот одбор за иницирање постапка за исклучување на Петре Шилегов од членство во партијата, изјави дека таа е донесена со консензус откога, по сите нивни проверки и информации, заклучиле дека станува збор за процес за одработување за ВМРО-ДПМНЕ и обид за внатрешна поделба на партијата.
– Точно е дека се почитувало и се слушало туѓото мислење, така е и сега, така и ќе биде понатаму. Но, тука не станува збор за туѓо и поинакво мислење затоа што и тоа мислење беше сослушано, туку за процес за одработување за ВМРО ДПМНЕ и за внатрешна поделба на партијата. По сите наши проверки и информации, дојдовме до тој заклучок. Извршниот одбор таа одлука ја донесе со консензус. Никој не гласаше против. Јас нема да дозволам луѓе да го делат СДСМ понатаму затоа што имаме работа со криминална и корумпирана власт, која ништо не може да направи за да го спречи падот на анкетите, кој е евидентен. Веројатно ги имате тие анкети, ваков пад на ВМРО-ДПМНЕ досега немало, а ние имаме раст, единствено нешто што може да прават е да ја делат партијата однатре и така да нè ситнат за да владеат онака како сакаат да владеат. Ние тоа нема да го дозволиме. Таква поделба се случи 2021 година, 2024 со националистичка и лажна кампања, во 2025 година самиот Шилегов рече дека тој не работел за СДСМ. Има и други такви луѓе што не работеле за СДСМ на изборите во 2025 година – изјави Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Извршниот одбор на СДСМ вчера донесе одлука и иницира постапка за исклучување на Петре Шилегов од членство во партијата.
– Шилегов е уценет и одработува за ВМРО. Ја разоткривме целата бизнис-шема на Христијан Мицкоски во енергетиката, од Адамовиќ до „Руднап“. Сега на сите им е јасно зошто толку многу сакаат да го рушат СДСМ. ВМРО толку падна што единствената опција им остана обидот да го урне СДСМ однатре – наведе вчера СДСМ.
Сега, како што се посочува во партиското соопштението, на сите им е јасно дека станува збор за „платформа за рушење на СДСМ“.
Одлуката на Извршниот одбор доаѓа по серијата јавни критики што Шилегов ги упати кон актуелното раководство, како и неговите последни изјави дека СДСМ кадровски се испразнил и најавите дека поголема група социјалдемократи набргу ќе побараат оставка од актуелното раководство.
– Ќе се обидеме да дојдеме до здрава политичка логика и да ги замолиме луѓето што ја раководат партијата да не го прават тоа повеќе. Да дојдат други луѓе – изјави тој и додаде дека јавноста ќе биде вклучена во процесот и дека набргу ќе биде претставена платформа што ќе бара сериозни реформи во СДСМ.
Тој рече и дека Македонија е „држава без опозиција“, што оди во полза на Левицата бидејќи „критички настроените граѓани сега ја бараат опозицијата токму таму“. Предупреди дека СДСМ изгубил поддршка на локално ниво и дека станал петта партија во Скопје, трета во Битола, Прилеп, Велес и Штип.
Поранешниот градоначалник на Скопје, пратеник на СДСМ, како и потпретседател и член на Извршниот одбор на партијата, Шилегов пак, истото така го обвини Филипче дека одработува за ВМРО-ДПМНЕ.
Шилегов додаде дека се потврдиле неговите ставови, изнесени во интервјуто за Сител во неделата, дека ова раководство на СДСМ целосно одработува во договор со ВМРО–ДПМНЕ за интересите на владејачката партија, а не за СДСМ и нејзиното членство.
-Кажав очигледно дека постои договор, којшто предвидува СДСМ да биде во ваква состојба во каква што е, упорно да ги промашува темите и да дозволи ВМРО-ДМНЕ да истера два мандата, за сметка на тоа да не бидат предмет на определени можни евентуални истраги или кривични предмети. Исто така се докажа и второто мое тврдење дека, за жал партијата е кадровски целосно исцрпено и дека луѓето на коишто им значи СДСМ, а се сериозен фактор во нашата држава, веќе не се таму – нагласи Шилегов.
Тој додаде дека платформата си продолжува, стратегијата се развива и повтори дека ќе го замолат ова раководство на СДСМ да си замине и да ја ослободиме политичката партија.
-СДСМ е партија што ја има создадено независна Македонија, СДСМ е партија на илјадници, илјадници истакнати луѓе. СДСМ не е сопственост на една групација, па со нејзе да се пазарат за својата слобода – рече Шилегов.
март 17, 2026

