Connect with us

Свет

Јапонија, Австралија, Јужна Кореја, ЕУ сè уште не го прифатиле повикот на Трамп за обезбедување на Ормуз

Јапонија, Австралија, Јужна Кореја, Велика Британија и Европската унија досега немаат донесено одлука да го прифатат повикот на американскиот претседател Доналд Трамп за помош во обезбедувањето на слободната пловидба во Ормускиот теснец, која е блокирана од Иран.

Јапонија во моментов не планира да испраќа воени бродови за придружба на бродовите на Блискиот Исток, изјави премиерката на земјата, Санае Такаичи.

– Не сме донеле никакви одлуки за испраќање бродови за придружба. Продолжуваме да испитуваме што може Јапонија да направи самостојно и што може да се направи во рамките на правната рамка – изјави Такаичи пред парламентот. Такаичи оваа недела ќе отпатува во Вашингтон на разговори со Трамп, на кои тема ќе биде и конфликтот со Иран.

Австралија нема да испраќа воени бродови за да помогнат во повторното отворање на Ормускиот теснец, изјави денеска членката на кабинетот на австралискиот премиер Ентони Албанезе, Кетрин Кинг.

– Нема да испраќаме бродови во Ормускиот теснец. Знаеме колку е тоа исклучително важно, но тоа не е нешто што некој нè прашал или за што ние придонесуваме – изјави Кинг за телевизијата Еј-Би-Си.

Кабинетот на претседателот на Јужна Кореја соопшти дека земјата „тесно ќе комуницира со САД во врска со ова прашање“ и дека „ќе донесе одлука по внимателно разгледување“. Според уставот на Јужна Кореја, распоредувањето на трупи во странство бара одобрение од парламентот.

Портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека Стармер разговарал со Трамп за потребата од повторно отворање на Ормускиот теснец, со цел да се прекине нарушувањето на глобалната пловидба на бродовите. Стармер разговарал и со канадскиот премиер Марк Карни, и се согласиле да ги продолжат разговорите за конфликтот на Блискиот Исток на состанок што треба да се одржи денеска, додаде портпаролката.

Министрите за надворешни работи на Европската унија денеска ќе разговараат за зајакнување на малата поморска мисија на Блискиот Исток, „Аспидес“ (Aspides), но не се очекува да разговараат за проширување на нејзината улога, соопштија дипломати и официјални лица на ЕУ. Мисијата на ЕУ „Аспидес“ беше основана во 2024 година за заштита на бродовите од напади на јеменската милитантна група Хути во Црвеното Море.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека мисијата „Аспидес“, именувана по грчкиот збор за штит, не била ефикасна ниту во извршувањето на својата досегашна задача.

– Затоа сум многу скептичен дека проширувањето на „Аспидес“ на Ормускиот теснец би донело поголема безбедност – изјави Вадефул вчера за германската телевизија АРД.

Трамп изјави дека неговата администрација веќе контактирала седум земји и дека се надева оти Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Велика Британија и други ќе учествуваат во обезбедувањето на преминот за бродовите во Ормускиот теснец. Иран го затвори теснецот помеѓу Иран и Оман, со што е блокиран преминот на бродовите кои пренесуваат петтина од светските резерви на нафта, што претставува најголемо нарушување досега.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3