Економија
Бензините поскапуваат за 7 денари, дизелот за 6,5
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од ноќеска на полноќ се зголемуваат за 7 денари за литар, а „евродизелот“ (Д-Е V) поскапува за 6,5 денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
Новата цена на „евросупер БС-95“ изнесува 86,5 денари за литар, 88,5 денари ќе чини „евросупер БС-98“, 92 денара евродизел“ (Д-Е V), а 89,5 денари екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1).
Се зголемува и цената на „мазутот М-1 НС“ за 4,867 денари и новата цена за килограм изнесува 47,453 денари.
Со одлуката на РКЕ малопродажните цени на нафтените деривати се зголемени во просек за 8,98 проценти во однос на цените што Комисијата ги утврди на 9 март годинава.
– Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 16,964 проценти или за 136,750 $/тон, кај дизелот зголемувањето е во просек за 11,714 проценти или за 117,500 $/тон, кај екстра-лесното масло зголемувањето е во просек за 13,059 проценти или за 123,950 $/тон и кај мазутот зголемување во просек за приближно 14,591 проценти или за 72,400 $/тон поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период во просек изнесува 53,2915 ден/$ и е за речиси 0,8453 проценти повисок од курсот на доларот (52,8447 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка – наведува РКЕ во одлуката.
март 16, 2026

