Connect with us

Вести

Една година по трагедијата во Кочани: Болката не стивнува, животот се дели на пред и потоа

Една година по најголемата трагедија во поновата историја на Македонија, Кочани и понатаму живее со сенката на пожарот во дискотеката „Пулс“ кој засекогаш го подели времето на „пред“ и „потоа“. Повеќе од 60 изгубени животи и над 200 повредени оставија лузна што не избледува. И денес, градот и семејствата на жртвите ја чувствуваат тишината што остана зад нив, но и тежината на невидливата борба за вистината и правдата.

Таа вечер Македонија беше парализирана од неверување, а Кочани се претвори во симбол на болка, загуба и недозволив пропуст.

На 16 март 2025 година во трагедијата во дискотеката „Пулс“, загинаа 63 лица меѓу нив и деца, а над 200 беа повредени. Веднаш по несреќата беше одржана вонредна седница на Општина Кочани и беше прогласена седумдневна жалост на локално, а потоа и на државно ниво. Иако првичните податоци говореа за 59 загинати и над 150 повредени, конечниот биланс во обвинителните акти по лекувањето на пациентите достигна 63 жртви и над 200 повредени.

Истражните органи утврдија дека клубот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, без дозволи и без основни противпожарни стандарди. Реконструкции се изведувале без надзор, користени биле лесно запаливи материјали, а просторот не ги исполнувал ни најелементарните стандарди за безбедност. 

На критичната вечер, три пиротехнички средства биле активирани истовремено, насочени кон плафонот кој бил обложен со полиуретански сунѓер. Огнот се проширил за секунди, а задушливиот чад и паниката ги заглавиле посетителите во клубот со единствен и неадекватен излез. Мнозинството од жртвите загинале во обид да стигнат до вратата која не била стандардно евакуациско решение.

Децениски пропусти и незаконски лиценци – цел систем под лупа за трагедијата во „Пулс“

По несреќата, Обвинителството поднесе обвиненија против 34 физички и три правни лица. Сите тие се товарат за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“. Првично, истрагата опфаќаше 45 физички лица (вклучително и сопственикот на објектот-магацин), но поради немање докази постапката беше запрена за 11 лица, меѓу кои и двајца поранешни министри за економија, додека еден од осомничените почина.

Меѓу нив има сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници. Во финалното обвинение се прецизирани тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, петмина државни службеници и генерален секретар.

Сите, според обвинението, со дејствие или со пропуштени обврски, придонеле да се создадат опасни услови што довеле до катастрофата.

Според ЈО, сопствениците дозволувале илегални реконструкции и преполнетост, вклучително и влез на малолетни лица. Дел од вработените во институции фалсификувале документи, издавале незаконски лиценци или со години не спроведувале инспекциски надзор. Поранешни градоначалници, иако знаеле дека објектот функционира без дозволи, не презеле мерки – не спровеле инспекција, не иницирале затворање, ниту предупредиле за ризиците.

Сите овие пропусти – натрупувани низ години – создадоа, како што наведе обвинителот Борче Јанев во воведниот збор, „смртоносна стапица“. Тој нагласи дека „Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал кофа вода и не ја истурил“.

Паралелно со главниот предмет, се води посебна постапка и за полициски службеници поврзани со случајот. Во јануари 2026 година беше поднесено обвинение против 13 полициски службеници, а до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен и обвинителен предлог против уште тројца полициски службеници кои, според Обвинителството, не ги извршиле своите должности.

Основното јавно обвинителство Кочани отвори и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.

Судењето за кочанската трагедија под засилени безбедносни мерки – обвинетите не се чувствуваат виновни

Пред почетокот на судскиот процес, Врховниот суд донесе одлука со која за стварно и месно надлежен го определи Основниот кривичен суд Скопје, по што Советот за оцена го одобри обвинителниот акт во целост.

На 19 ноември 2025 година под засилени безбедносни мерки започна судењето во судницата во КПУ „Идризово“ во Скопје. Судијката Дијана Груевска Илиевски тогаш најави интензивен процес и нагласи дека ќе се бара строга дисциплина од сите учесници во судницата. Таа посочи дека за секое неоправдано одлагање ќе следуваат санкции и дека сите лекарски оправдувања ќе бидат детално проверувани.

Судијката истакна дека советот ќе постапува професионално, со почит кон болката на семејствата на загинатите, но со обврска да им овозможи на сите страни еднаква можност да ја изложат својата теорија и докази.

На воведното рочиште сите обвинети се изјаснија дека не се виновни. Нивната одбрана тврди дека трагедијата е последица на институционални пропусти, а не на индивидуални одлуки.

Во судницата потоа беа сослушани родителите, преживеаните, гости во клубот, инспектори и членовите на бендот кои настапувале таа вечер. 

Дел по дел, обвинителството се обидува да ја состави целосната слика и да ја утврди одговорноста. Судењето е во тек и продолжува утре со сослушување на нови сведоци предложени од Јавното обвинителство.

Во меѓувреме, на почетокот на март 2026 година, полицијата во Кочани започна со постапка за враќање на личните предмети на жртвите на нивните семејства. 

„Марш на ангелите“ – гласот на родителите што една година не замолкна

Во текот на изминатата година, родителите на загинатите и повредените станаа најгласните носители на борбата за правда. Нивниот „Марш на ангелите“ започна веднаш по трагедијата – како симболичен чин на болка и надеж. Маршевите се одржуваа секоја сабота во Кочани, а неколку пати и во Скопје пред институциите.

Државата во меѓувреме најави реформи во системите за безбедност, контроли и инспекции, но семејствата не се уверени – велат дека институциите „ветуваат многу, а прават малку“.

За одбележување на првата годишнина, Општина Кочани најави тридневна комеморативна и духовна програма од 14 до 16 март. Програмата вклучува богослужби, отворање на меморијалот „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“, поставување симболична инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“ со мурал „Ѕид на сеќавање“, како и собир пред објектот „Пулс“ во 02:15 часот по полноќ – времето кога се случил пожарот.

Една година по пожарот во Кочани, одговорите се сè уште нецелосни, правдата недовршена, а раните отворени. И додека вистината полека се пробива низ судскиот процес, едно е јасно, оваа трагедија не смее да се повтори, а сеќавањето на Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Горги Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Горгиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска Николовска, Марија Шопова, Александар Горгиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Горѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимитов, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов и Владимир Блажев, мора да остане водилка за промени.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1