Забава
Првиот автомобил со името „Ферари“ – пресвртница во историјата на автомобилизмот
По војната, италијанскиот автомобилист Енцо Ферари решил да го оствари својот сон за изградба на свои автомобили. Така, пред скоро 80 години, бил завршен „Ферари 125 С“ – првиот автомобил што го носел неговото име.
Откако Енцо Ферари ја напуштил „Алфа Ромео“ во 1939 година, тој првично ја основал компанијата „Ауто авио коструциони“ (Auto Avio Costruzioni), којашто за време на Втората светска војна напрво произведувала делови за авиони. По Војната, Ферари решил да го оствари својот сон и замисла за создавање свои автомобили. Тркачкото возило „Ферари 125 С“, коешто развивало 118 КС при 6.800 вртежи во минута, овозможувајќи максимална брзина од околу 210 км/ч, е произведено, официјално, на 12 март 1947 година.
Срцето на „125 С“ бил 1,5-литарски „Ве-12“ мотор дизајниран од Џоакино Коломбо. Секој цилиндар имал зафатнина од 125 кубни сантиметри, што и му го дало името на автомобилот. Моторот бил опремен со три карбуратори „Вебер 30 ДЦФ“ (Weber 30 DCF) и имал однос на компресија од 9,5:1.
Шасијата била од челични цевки, а суспензијата користела двојни виљушкасти коски со попречни тенки пружини напред и цврста оска назад. Сопирачките биле во облик на тапан на сите тркала.
Веќе легендарниот „125 С“ пред јавноста е претставен на 11 мај 1947 година на патеката Пјаченца, управуван од Франко Кортезе. Иако не ја заврши трката поради дефект на пумпата за гориво, возилото покажа голем потенцијал. Биле произведени само два примерока – првиот „125 С“ има каросерија со покриени тркала, дизајнирана од производителот на каросерии Џузепе Пеирети. Вториот примерок имал каросерија со отворени тркала, позната како „цигаро“ (во облик на пура), дизајнирана од Џузепе Бусо.
На 25 мај 1947 година, Кортезе ја освои првата победа на Ферари на Големата награда на Рим на патеката „Терме ди Каракала“. Во текот на истата година, „125 С“ учествуваше во 14 трки и постигна шест победи.
„Ферари 125 С“ ги постави темелите за идните модели на брендот, особено преку развојот на „Ве-12“ моторот којшто ќе стане заштитен знак на автопроизводителот. Иако двата изворни примероци подоцна биле демонтирани за деловите да се користат за нови модели како што се „159 С“ и „166“, првиот „125 С“ останува симбол на почетоците на тркачкиот оддел „Скудерија Ферари“ како една безвременска легенда. Во 1987 година, по повод 40-годишнината, компанијата издаде реплика на моделот „125 С“ за да се зачува споменот на овој историски автомобил.
март 14, 2026

