Вести
Комеморација за пожарот во Кочани: Трагедиите не треба да бидат поле на раздор, туку моменти на солидарност, хуманост и сплотеност
Трагедиите никогаш не треба да бидат поле на раздор. Тие треба да бидат моменти на солидарност, на хуманост и сплотеност, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши во обраќањето на комеморативната седница за годишнината од пожарот во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени.
Комеморативната седница почна со едноминутно молчење во знак на почит за споменот на 63-цата загинати во Кочани. На седницата, покрај пратениците, присуствуваа претседателката на државата Гордана Силјаноска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, семејствата на трагично починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“…

Оваа комеморативната седница, според спикерот Гаши, не е само институционален формализам, туку заедничко поклонување на целата држава пред животите што згаснаа и пред семејствата што продолжуваат да ја носат тежината на оваа трагедија. На родителите им порача дека нивната болка е болка на целото општество и оти споменот на нивните најмили е дел од сите нас и од нашата колективна свест.
– Денес, по една година, се собравме во оваа сала да се потсетиме, да размислиме и со почит да им одадеме почит на животите што згаснаа. Се собравме како ретко кога, не како власт и опозиција, не како претставници на партии или на институции, туку како општество што беше длабоко повредено. Тука сме како луѓе што ја споделуваат болката на овие семејства, за да им испратиме порака дека во оваа болка не се сами. Бранот на оваа болка не зафати сите. Тој донесе тага, потрес, солидарност, но и тензии, рече Гаши.
Некои ноќи, нагласи, завршуваат рутински, некои оставајќи спомени, но има и такви што никогаш не завршуваат. Постојат утра што будат надеж и раѓаат нова сила, но има и мрачни утра што ја гасат надешта и предизвикуваат само болка.
– Такво утро беше 16-ти март минатата година, кое осамна по трагичната ноќ во Кочани. Ноќ што започна со забава, со млади што славеа, со пријателства и насмевки, а заврши со плач, со рани и болка што длабоко продре во срцето на целата државата. Таа ноќ, Кочани и Македонија не ги изгубија само своите синови и ќерки, туку изгубија и дел од својата иднина. Еден неповратен дел од нашата душа таа ноќ изгоре во Кочани. Таа ноќ задно со животите на 63 млади луѓе со себе ги однесе и соништата и плановите кои штотуку почнаа да се градат. Приказните што, што туку почнаа да се пишуваат и утрешнината на многу семејства во нашата земја, рече Гаши.
Со чуство на тага и тежок товар на одговорноста, посочи дека ја има најтешката задача да говори за трагедијата, за која, како што подвлече, и по една година тешко е да се изберат зборови, но уште потешко е да се изговорат.
– Постојат моменти кога и да ги изберете зборовите внимателно, тие секогаш изгледаат недоволно за да го изразат она што човекот го чувствува и што го преживува. Таква е и оваа обврска за мене. Иако јавниот збор е должност, тој никогаш не бил толку тежок, особено кога си свесен дека во ваков случај ниедна реченица не е доволна за да ја исполни празнината и за да ја ублажи болката што оваа трагедија ја остави кај семејствата и во совеста на ова општество, рече Гаши.

Во најтемните моменти на земјата, нагласи, ја видовме и најсветлата страна на нашето општество и оти никој не добива од поделбите.
– Видовме како блеска силата на хуманоста, утехата што ја носи солидарноста и искрената поддршка. Во Собранието, на деновите на жалост, беше отворена Книга на жалост. Стотици граѓани дојдоа во тишина за да напишат неколку збора за оние што веќе не се меѓу нас. Ако ги прочитате ти рачно напишани редови, таму нема големи политички зборови. Има само искрени чувства, болка, копнеж и љубов за животите што прерано згаснаа. Човечкиот пример барем малку ја ублажи големата тага на земјата. Видовме лекари и медицински сестри што работеа денење и ноќе за да спасат животи. Пожарникари и полицајци што реагираа со храброст и посветоност. Црвениот крст задно со граѓаните и со други волонтери кои даруваа крв и понудија итна помош за семејствата, како и луѓе што се мобилизираа без штедење. Оваа солидарност немаше ниту политички, ниту етнички, а ниту верски бои, додаде Гаши.
Споменот на жртвите од Кочани, подвлече, треба да живее во секој од нас.
– Секогаш кога еден родител ќе го прегрне своето дете, секогаш кога еден млад човек ќе ги гради своите соништа, секогаш кога еден професионалец ќе ја врши својата работа чесно и секогаш кога една институција ќе постапува одговорно. Тоа треба да биде одговорот на оваа трагедија. Можеби тоа е најдостоинствениот начин за да ги паметиме и да им одадеме почит за ваквите настани никогаш повеќе да не се повторат и ниту едно друг семејство да не доживее ваква болка, истакна Гаши.
Упати порака до сите дека трагедиите како оваа ни покажуваат дека одговорноста на институциите е поголема одошто проценуваме и оти правдата е поважна отколку што замислуваме.
-Затоа е суштински важно надлежните институции, Јавното обвинителство, судовите, Министерство за внатрешни работи и сите истражни органи да работат во овој процес со професионализам, независно и целосно транспарентно. Правдата не треба да биде ниту пребрза поради политички ефект, ниту пак задоцнета. Само правда и вистината можат да донесат мал спокој за семејствата и за општеството, нагласи Гаши.

Ги охрабри сите институции на правдата својата работа да ја извршат професионално и овој предмет точно да ги адреса грешките и виновниците за оваа трагедија.
– Тоа е единствениот начин да се ублажи болката на они што ги загубија своите најмили, но и лекција дека спроведувањето на законот во нашата држава е обврска од која никој не е амнестиран, додаде претседателот на Собранието.
Потсети дека меѓу жртвите имаше уметници, фудбалски ѕвезди и многу професионалци од различни области што требаше да ја прават државата горда.
– Таа ноќ тие му пееја на животот, на надежите, на љубовта и на утрешниот ден. Песната на групата ДНК „Ако утре мене нема“, која до таа ноќ преставуваше само рефрен, денес добива поинакво значење за секој што ја слуша, затоа што за некој, за некои од ние што пееја утрешниот ден навистина никогаш повеќе не дојде. Додека за другите утрето дојде, но без оние што ја пеја, истакна Гаши.
Во името на Собранието, во свое лично име и во името на сите граѓани на земјата изрази благодарност за поддршката, посветноста и сочувството покажани од сите, повторувајќи дека оваа трагедија е последниот аларм за сите политички и општествени чинители.
март 12, 2026

