Вести
Годишни билатерални разговори со НАТО за одбранбени планови и модернизација
Тим од Министерството за одбрана предводен од државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова и делегација на НАТО, предводена од директорот за одбранбено планирање во Алијансата Карл Форд, денеска и утре ги реализираат редовните годишни билатерални одбранбени разговори.

Чуповска – Ристова на отворањето на билатералните консултации истакна дека земјава е целосно посветена на развојот на одбранбените капацитети и исполнувањето на НАТО – Целите на способности.
-Армијата се опремува согласно плановите, факт што е потврден и преку годинешниот одбранбен буџет, кој е најголем досега и изнесува 358 милиони евра. Од одбранбениот буџет, 32,5 отсто издвојуваме за модернизација и опремување, што е за 10 милиони евра повеќе за оваа намена од минатата година. Тоа ја покажува нашата посветеност на дело, рече Чуповска – Ристова.
Во рамки на разговорите, како што се наведува во соопштението од Министерство за одбрана, ќе бидат опфатени повеќе клучни теми во одбраната, меѓу кои и одбранбените планови, финансиите и човечките ресурси.
Билатералните одбранбени разговори со Алијансата се реализираат на годишно ниво, во рамките на НАТО процесот на одбранбено планирање.
март 6, 2026

