Вести
Обука на Регионалната иницијатива против корупција: Корупцијата е глобален феномен и потребен е инклузивен пристап во борбата против неа
За да се воспостави ефективен и ефикасен систем за превенција и сузбивање на корупцијата и судирот на интереси во државата, неопходен е системски пристап во нејзиното препознавање, спречување, докажување и санкционирање од страна на надлежните органи во постапка утврдена со закон. Ваквиот инклузивен и партиципативен пристап, со вклучување на сите фактори, е неопходен бидејќи борбата против корупцијата е колективна одговорност – порача денеска претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, во воведното обраќање на обуката за претставници на полицијата и МВР во областа на процена на ризикот од корупција и проверка на законодавството за спречување корупција, организирана од Регионалната иницијатива против корупција (РАИ).
Претседателот на ДКСК посочи дека начелата на законитост, интегритет и еднаквост треба да претставуваат постулат во вршењето на сите јавни функции и службената должност на сите службени лица во јавниот сектор.
Тој додаде дека Законот за спречување на корупцијата и судир на интересите е примарна правна рамка, што ги утврдува надлежностите на ДКСК, како и забраните и ограничувањата за службените лица, со цел спречување на корупцијата во политиката и при вршење јавни овластувања, извршување работи од јавен интерес, спречување судир на интереси и пријавување на имотната состојба.
– Процената на ризиците од корупција, односно нивното идентификување и управување, е клучен превентивен механизам, кој од декември 2024 година стана и законска обврска за јавниот сектор, со цел изработка на стратешки ризици и ризици од корупција, како и утврдување оперативни ризици од корупција – рече Чучуљ.
Тој нагласи дека во фокусот на борбата против корупцијата е петгодишната стратегија што ја носи ДКСК, а ја усвојува Собранието. Напомена дека и покрај важноста од носење на овој највисок антикорупциски стратешки документ за државата, без претходна процена на секторските регулаторни ризици од корупција, невозможно е утврдување на приоритетните проблеми во секторите во нашето општество и предвидување активности за нивно надминување.
Директорот на Регионалната антикорупциска иницијатива, Алберт Хани, посочи дека обуката што во моментот ја спроведуваат е во секторите безбедност и заштита на животната средина, кои биле избрани врз основа на анализа на експерти на РАИ, кои процениле дека станува збор за најчувствителни области во однос на корупцијата. Тој истакна дека РАИ претходно во земјата работела и во секторите образование и култура.
Хани посочи дека РАИ, чие седиште е во Сараево, е институција основана од девет земји од Југоисточна Европа, меѓу кои и Македонија, и додаде дека станува збор за една од најважните регионални иницијативи, особено за процесот на европска интеграција.
Тој изрази гордост што како Македонец ја води оваа институција од Сараево и нагласи дека се работи континуирано не само на размена на искуства туку и на реализација на повеќе активности во матичната држава. Посочи дека не е секогаш лесно да се убедат поддржувачите и донаторите колку е важна борбата против корупцијата и колку е тешка кога таа се генерализира.
Хани изрази благодарност до австриската амбасада за поддршката на РАИ, особено на овој проект, со кој се цели кон постигнување значајни резултати на регионално ниво, но напомена дека се свесни дека корупцијата не е само предизвик за регионот, туку и за целиот свет.
Никола Прокопенко, државен советник во Министерството за правда, истакна дека државата изминатиот период презела значајни активности во оваа сфера, потсети дека во 2021 година била изготвена меѓународната спогодба за размена на податоци за проверка на имотната состојба, потпишана истата година, при што рече дека сме една од неколкуте земји што го иницирале овој процес.
Во подготовката на документот биле вклучени претставници од надлежните министерства и институции, а како што посочи, „Македонија е првата држава што ја ратификувала оваа меѓународна спогодба и веќе е во фаза на нејзина имплементација“.
Клаус Грубер, полициски аташе во австриската амбасада, истакна дека Австрија го поддржува проектот во Југоисточна Европа за владеење на правото, добро управување и интегритет.
– Силни, независни и одговорни институции се неопходни за довербата кај граѓаните, стабилноста и одржливиот развој. Многу е важно државата да соработува со граѓаните во борбата против корупцијата – рече тој.
Посочи дека искуството од Австрија треба да се пренесе во секојдневната работа и додаде дека оваа иницијатива и конкретната обука треба да го овозможат тоа – зајакнување на капацитетите во борбата против корупцијата во секојдневните активности.
Грубер истакна дека како за Македонија така и за сите балкански земји основите за членство во ЕУ – правото, правдата, владеењето на правото, борбата против корупцијата и јавната администрација не се само теми за преговори со Унијата, туку се темел за подобри услови за граѓаните и за градење доверба во државата.
март 2, 2026

