Вести
Почнува враќањето на личните предмети на загинатите, повредените и присутните во “Пулс“ на кобната ноќ
Одделението за внатрешни работи Кочани информира дека, во врска со трагичниот настан – пожарот во клубот „Пулс“ на 16 март, од денеска, 2 март 2026 година, почнува постапката за враќање на личните предмети пронајдени на местото на настанот.
Се известуваат сите повредени лица, блиски членови на семејствата на починатите, како и други лица кои биле присутни за време на настанот, дека во периодот од 2 до 6 март 2026 година, во времето од 09:00 до 18:00 часот, можат да се обратат во просториите на Одделението за внатрешни работи Кочани, на ул. „Тодосија Паунов“ бр. 12.
Целта на посетата е идентификација и враќање на личните предмети кои биле пронајдени при увидот и им припаѓаат на повредените и на починатите лица. Меѓу предметите што ќе се враќаат се: мобилни телефони, паричници, накит, часовници, ташни, облека и обувки.
Враќањето ќе се врши по претходна идентификација од страна на сопствениците или од блиски членови на семејствата на починатите, нагласуваат од ОВР Кочани.
март 2, 2026

