Вести
Сиљановска-Давкова: Не би имала ништо против уставни измени доколку се работи за Копенхашките критериуми, неопходни се гаранции
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска изјави дека не би имала забелешки за уставни измени доколку тие навистина се однесуваат на одредби поврзани со Копенхашките критериуми, односно со надминување на дискриминација или обезбедување малцински права.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, дека земјава треба да го искористи актуелниот момент и да ги усвои уставните измени за почеток на преговорите со ЕУ, претседателката повторно ја нагласи потребата од гаранции.
-Да, го чув господинот Вајц, но јас исто така имам меморија. Многу пати сум чула за вакви моменти што треба да се искористат. Навистина и сега моментот постои бидејќи е врзан и за членството на Украина и на Молдавија. Се разбира, јас во системот на поделба на власта не се осудувам да давам совети дали и кога треба да се усвојат уставните измени. Јасен е Уставот дека пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено уверување. Освен тоа, ќе го повторам и она што повеќепати сум го кажала, ние сме рекордери во уставни измени. Исто така и овој пат се бара уставна измена. Нашиот став е за неопходноста, за нужноста од гаранции и дека нема повторно да се појави нов, многу погоден момент, и уште едно барање за уставни измени. Ништо не би имала против уставни измени доколку навистина се работи за одредби врз Копенхагенските критериуми, или ако сакате во случајов за надминување на дискриминација или за гарантирање на малцински права – рече Силјановска Давкова.
Таа потсети дека македонскиот Устав спаѓа меѓу уставите со силни механизми за заштита на малцинските права, што, како што нагласи, не е случај кај многу други држави, вклучително и некои членки на Европската Унија.
Во однос на најавите за можно членство во ЕУ без право на глас, Силјановска-Давкова посочи дека не може да коментира идеи кои ги слушнала од европски политичари и претставници на тинк-тенк организации.
-Сегашната состојба е таа според актите на ЕУ. Членките имаат ист статус, имаат право на вето, важни одлуки се носат со консензус. Кога ќе се најде на маса ваков предлог тогаш ќе размислувам или ќе одговорам – рече таа.
На заедничката прес-конференција со албанскиот претседател Бајрам Бегај, Силјановска-Давкова истакна дека земјава, со реформите направени во изминатите децении, заслужува да биде дел од групата држави со кои ќе се разговара за идниот модел на проширување на ЕУ и можните модалитети на членство.
Бегај, пак, посочи дека и тој не може да коментира нешто што не го видел како официјален документ, додавајќи дека земјите од регионот, како европски и географски и вредносно, треба да добијат поохрабрувачки пораки за членство во Европската Унија.
февруари 27, 2026

