Connect with us

Вести

Мицкоски: Овие десетици илјади млади деца, кои во наредните месеци ќе се натпреваруваат, ќе израснат во луѓе што достоинствено ќе си ја промовираат татковината

Со денешното потпишување на договорот меѓу меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ и Федерацијата на училишните спортови земјава стана дел од „Плазма – Спортските аматерски игри за деца“, кои во изминатите години обединија повеќе од два и пол милиона деца од неколку држави. Најдобрите ќе бидат дел од финалните натпревари, што ќе се одржат во август годинава во Сплит. 

Премиерот Христијан Мицкоски на свечениот чин во Владата истакна дека е чест за државата да биде дел од овој настан бидејќи, како што посочи, оваа Влада посветува исклучително многу внимание во вложувањето кај младите. 

Тој нагласи дека демографијата претставува општ европски проблем и затоа е многу важно младите од најрана возраст да ги образоваме и да ги научиме дека иднината е во нив.

– Втората работа што за нас е важна како Влада е спортот. Јас можам да зборувам како неуспешен спортист во младоста, односно бев прилично успешен кошаркар кога бев тинејџер, тогаш во кошаркарскиот клуб „Работнички“. Се сеќавам, Пеце се спремаше за трансфер во тогашниот „ПОП 84“, тоа беше на почетокот на деведесеттите години, европски шампион во тоа време беше првин „Југопластика“, па потоа како „ПОП 84“, и се воодушевуваме како тој играше во градскиот парк, во таа мала сала што сега ја реновиравме и како Влада го поддржавме нејзиното реновирање. Но, потоа некако животот ме наведе на друга траекторија, во природно-математичка гимназија, па потоа на Машинскиот факултет, па потоа надвор од државата на магистерски, докторски студии, како професор на факултетот и еве веќе две години претседател на Владата – рече Мицкоски.

Премиерот потсети дека со преструктуирањето на Кабинетот, првпат формирале Министерство за спорт, кое пред оваа Влада беше Агенција.

– Се учиме заедно со Борко како е да се биде Министерство за спорт бидејќи пред оваа Влада беше Агенција. Но, мислам, полека, но сигурно, ги поминуваме оние првични предизвици и веќе застануваме на шини и почнуваме да функционираме како институција што треба да биде главна потпора на спортот не само во државата туку и во регионот – рече Мицкоски. 

Со овој настан, додаде тој, ние правиме синергија помеѓу овие два приоритета на Владата – „тоа се младите што треба да учат витештво, кои треба да учат ферплеј, да го почитуваат противникот, да се учат на тимска игра, бидејќи во ера на социјални медиуми сето она што го гледате не е животот, животот е многу борба, животот е тимска игра и ако сакате да бидете успешни, ќе морате да се научите на овие работи“.

– Да, постојат и индивидуални спортови, но, генерално, јас го сфаќам животот како една заедничка тимска игра и како дружење и да си бидеме поддршка едни на други. Јас сум убеден дека овие десетици илјади млади деца кои во месеците што следуваат ќе се натпреваруваат во училиштата во земјата ќе израснат во луѓе што достоинствено ќе си ја промовираат и љубат својата татковина, а тоа ќе им го пренесат и на оние генерации кои понатаму ќе се борат во училиштата во државата. И убеден сум дека младите кои доаѓаат до тука ќе бидат достоинствени претставници на македонскиот спорт на финалните игри во Сплит ова лето во август – потенцира премиерот. 

Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер посочи дека овој настан е важен не само за регионот туку и за целата Европска Унија и дека нашата држава и регионот се блиски партнери на ЕУ. 

– Денес, покажуваме дека се приближуваме уште повеќе едни до други, дека спортот нè зближува. Спортот е една од можностите што, дефинитивно, нè зближува. Премиерот и јас имаме некои заеднички работи кога станува збор за спортот, двајцата кога сме биле млади, сме морале да одлучиме дали ќе се занимаваме со спорт или со други кариери. За младите луѓе спортот е неверојатна работа, тоа го гледаме и со моите деца, во мојот случај тенисот е најважен, но и фудбалот и ракометот – рече Брунер.

Тој истакна дека преку спортот се учат многу лекции, се учи и како да се губи. – Тоа и ние како политичари треба да го научиме и затоа спортот нè учи како да изгубиме достоинствено. Ние како Европска Унија мора да го поддржиме ова. Се запрашав себеси зошто спортските младински игри доживеале таков успех. Се работи, прво, за корените, но и затоа што се отворени за сите. Тука лежи важноста на младинските спортски игри – додаде Брунер.

Министерот за спорт Борко Ристовски посочи дека овој проект значи жив спорт во училиштата, активни локални заедници и силна соработка меѓу институциите, федерациите и бизнис-заедницата.

– Тоа значи можност илјадници деца првпат да облечат дрес. Да застанат на стартот, да почувствуваат што значи да бидеш дел од тимот, да стекнуваат нови пријателства, да растат и да напредуваат. Особено ме радува што најдобрите од нив ќе ја претставуваат Македонија на меѓународната завршница во Сплит. Не само како натпреварувачи туку и како наши млади амбасадори на пријателството, почитта и спортскиот дух – рече Ристовски. 

Нашата цел е јасна, додаде Ристовски, да градиме генерации што ќе победуваат со карактер, да создаваме спортска култура заснована на позитивни вредности и да ја вратиме радоста од спортот онаму каде што ѝ е местото – кај децата.

Познатиот српски кошаркарски тренер и поранешен кошаркар, кој е и амбасадор на игрите, Жељко Обрадовиќ, им посака на децата и на младите лиуѓе од Македонија да се дружат со своите врсници и колеги од другите земји, каде што Игрите за млади веќе одамна зедоа голем замав.

– Младите луѓе и децата се нешто највредно во секое општество и навистина сакам да им посакам многу убави моменти и стекнување на она што е најважно, а тоа се вистинските вредности во животот – рече Обрадовиќ.   

На настанот беа присутни и шефовите на дипломатиите на нашата држава и на Хрватска, Тимчо Муцунски и Гордан Грлиќ Радман, амбасадорката на Хрватска во земјата, Нивес Тигањ, како и евроамбасадорот Михалис Рокас.

Под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет, Европската комисија и други важни организации, „Плазма – Спортските игри за млади“ нудат платформа каде што младите може да се натпреваруваат во десет спорта и да го доживеат спортот во безбедна и охрабрувачка средина учејќи за важноста на физичката активност, соработката и ферплејот.

Договорот го потпишаа Елена Мицковска, претседателка на Федерацијата на училишните спортови на Македонија, и Здравко Мариќ, претседател на „Плазма – Спортските игри за млади“. Со оваа соработка помеѓу националните партнери и меѓународната платформа се отвора можност над илјада деца од повеќе општини во земјата да учествуваат во организирани и инклузивни спортски натпревари преку кои се промовираат ферплеј-вредностите, здравиот начин на живеење, инклузијата и пријателството меѓу младите.

„Спортските игри за млади“ ќе опфатат натпревари во 10 спортски дисциплини (мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах, атлетика – трки на 60 метри и граница) за момчиња и девојчиња. Тие ќе се одржуваат во април, мај и во јуни 2026 година во 18 спортски дена, во кои ќе бидат вклучени училиштата и локалните заедници од целата држава, со поддршка од националните спортски федерации. Најдобрите поединци и екипи од државните натпревари во Македонија ќе патуваат на меѓународната завршница на Игрите во Сплит, каде што неколку дена ќе се дружат и ќе се натпреваруваат со врсниците од земјите што се вклучени во проектот.

Со пристапувањето кон оваа меѓународна платформа нашата држава им се приклучува на Хрватска, Словенија, Србија и на Босна и Херцеговина, кои веќе ги имаат имплементирано Игрите. Истовремено, земјата креира и сопствена национална платформа со акцент на младите, како и засилување на соработката на училиштата, општините, националните спортски федерации и бизнис-заедницата како во домашни рамки така и на регионалната спортска сцена. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 1