Свет
Мнозинството Французи повеќе сакаат да ја спречат крајната левица да дојде на власт отколку десницата
Мнозинството Французи би се обиделе да ја спречат крајната левица да дојде на власт во вториот круг од изборите, што укажува дека крајнодесничарската партија Национален собир повеќе не се смета за најопасната партија во земјата.
Доколку радикалната левичарска партија Непокорна Франција стигне до вториот круг од изборите, речиси две третини од гласачите би гласале за соперничката партија, а 45 проценти би се обиделе да ја спречат победата на Национален собир, покажува анкета спроведена од организацијата „Елаба“.
Анкетата е спроведена по убиството на крајнодесничарскиот активист, 23-годишниот Кантен Деранк, што ја шокира земјата и го влоши расположението кон партијата Непокорна Франција, објавија британските медиуми.
Деранк беше претепан до смрт во Лион на маргините на студентски митинг, на кој главен говорник беше пратеничката на Непокорна Франција, Рима Асан.
Сомнението е дека момчето било нападнато од членови на радикалната левица, а едно од седумте лица што се под официјална истрага за нивната наводна улога во убиството на Деранк е помошник-пратеник на оваа партија.
Националниот собир долго време синоним за расизам и антисемитизам, се обиде да ја искористи заканата од насилство на крајната левица како дел од своите напори да добие поголем кредибилитет.
Оваа партија стана најголемата парламентарна партија во Франција по изборите во 2024 година и се верува дека ќе може да победи на претседателските избори в година.
Нејзиното доаѓање на власт со години беше спречувано од широка коалиција на сопернички партии кои ги здружуваат силите во вториот круг за да ја спречат победата на екстремната десница.
По атентатот врз Деранк, Националниот собир ги повика своите соперници да формираат „санитарен кордон“ против Непокорна Франција, односно да одбијат каква било соработка со оваа партија, а оваа анкета сугерира дека и гласачите би го сториле тоа.
Поранешниот француски претседател Франсоа Оланд ја повика својата Социјалистичката партија да се раздели од Непокорна Франција.
Социјалистичката партија, заедно со Непокорна Франција, зелените, комунистите и други партии, ја формираа левичарската коалиција „Нов народен фронт“, која освои најмногу парламентарни мандати на вонредните парламентарни избори во 2024 година.
февруари 27, 2026

