Connect with us

Свет

Белгија крева „штит“ за одбрана на клучното европско пристаниште

Белгија во 2027 година ќе постави систем за противвоздушна одбрана во пристаништето Антверпен, изјави денеска белгискиот премиер Барт де Вевер, наведувајќи дека станува збор за систем од типот НАСАМС, кој е веќе нарачан.

Министерството за одбрана на Белгија потврди дека пристигнувањето на првите единици се очекува истата година.

Де Вевер, како што пренесува локалниот весник Газет ван Антверпен, ова го соопшти за време на годишниот собир на Заедницата на пристаништето Антверпен-Бриж, во разговор со директорот на пристаништето.

Детали за точната локација и бројот на системи сè уште не се соопштени, но се истакнува дека пристанишната инфраструктура е од големо економско и стратешко значење. Од Антверпен, како што истакнува Фламанската радио-телевизија, поаѓа нафтовод за керозин кој води до Марсеј, а пристаништето има клучна улога во доставувањето на американска воена опрема во Европа.

Белгиската војска во октомври минатата година го купи норвешкиот ПВО систем НАСАМС, кој припаѓа на таканаречениот среден слој на противвоздушна одбрана и е наменет за заштита на градови како Брисел или Антверпен од борбени авиони, големи дронови и други закани од краток домет. Системот, меѓутоа, не е предвиден за одбрана од балистички ракети.

НАСАМС е флексибилен и компатибилен со ракетите кои се користат на авионите Ф-16, а во иднина и на Ф-35, како и со веќе набавените проектили. Една батерија (специјализирана воена единица) може да покрие подрачје во пречник од повеќе десетици километри.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2