Connect with us

Вести

Радман: Македонија е подготвена и заслужува членство во ЕУ многу брзо

Македонија заслужува членство во Европската Унија и тоа многу брзо, рече вечерва министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ по средбата со својот домаќин, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Како што истакна Радман, Македонија е подготвена, а и добро е преговорите да почнат, особено поради македонските граѓани.

Според шефот на хрватската дипломатија, Хрватска силно го поддржува македонскиот евроинтеграциски процес и смета дека земјава направи многу на тој пат, како и дека може да биде пример на Балканот.  

-Сетете се пред 20 и повеќе години. Пет месеци претходно почнаа преговорите. Да не се случеше тоа што се случи, Северна Македонија можеби ќе беше во ЕУ пред Хрватска. Ако тогаш постоеја реформски услови, тогаш постојат и сега, по 20 години. Кога зборуваме за тој аспект, гледаме перспектива. И за граѓаните на Северна Македонија е важно за еден позитивен, афирмативен, психолошки моментум да почнат преговорите со ЕУ. Мислам и дека во тој процес, во таа перспектива и динамика, Северна Македонија може да оствари голем прогрес зашто според нашето искуство, знаење и уверување, Македонија е подготвена. Се надеваме дека многу скоро ќе се создадат услови за почеток на преговорите за што имате наша искрена поддршка, рече Радман на заедничката прес-конференција.

Според него, многу е полесно за секоја земја кога е таа институционално подготвена.

-Најважно е да се почне. И оној момент кога ќе се почне, а на тоа е Македонија, Северна Македонија подготвена, мислам дека членството ќе следи многу брзо, нагласи Радман.

Тој информира дека меѓу двете земји соработката е одлична во сите сфери, како и дека нема отворени прашања. Како области во кои гледа потенцијал за соработка, тој ги нагласи енергетиката, здравството, туризмот,…

-Билатерално бележиме само јакнење на соработката во економијата, стопанството, во сите сфери кои се од заеднички интерес. Ние немаме никакви пречки, меѓу Македонија и Хрватска е се отворено и пријателски. Јас би сакал таква атмосфера каква што имаат нашите две земји да постои и во другите земји од Западен Балкан. Нашата соработка може да биде пример за други земји од Западен Балкан, потенцира хрватскиот министер. 

На новинарско прашање, како може да и се помогне на Македонија во однос на спорот со Бугарија и колку е тука значајна поддршката што Македонија ја има од Хрватска на европскиот пат, Радман одговори дека Хрватска разговара со Бугарија и, како што нагласи, постојат позитивни сигнали.  

-Секако дека тука, важни се сите земји членки на Европската Унија. Ние сме исто така пријатели на Бугарија и сакаме тука да најдеме платформа за дијалог, соработка. Мислам дека е во интерес на сите, во интерес на сите е да го видат европското членство на Северна Македонија. Секако дека ние ги следиме процесите во регионот, со сите ќе разговараме, и со Бугарија веќе разговараме за тоа и постојат исто така и позитивни сигнали. Но, таму исто така ќе има избори, така што ќе водиме сметка за тоа и кога ќе дојде новата влада, ќе продолжиме на тој пат на поддршка на Северна Македонија за членство во Европската Унија. Мислам, уште еднаш истакнувам, дека тоа е во интерес на сите. Во интерес на сите и на целата Европска Унија е да се има земја која е опкружена со земји членки на Европската Унија и природно, геополитички Северна Македонија ѝ припаѓа на Европската Унија. Кога ќе погледнете, има многу геополитички предизвици кои постојат, и ние живееме во едно многу критично време, кога тие вредности се загрозени, ја имаме руската агресија врз Украина. Ние како Европска Унија мора да имаме заеднички одговор. А заедничкиот одговор се подразбира и рефлектира низ солидарност, низ единство, почитување на меѓународното право, низ меѓусебно почитување што всушност ја зајакнува и хомогенизира Европската Унија, но исто така би требало да значи и посилна динамика во приклучувањето на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија, бидејќи тоа е природен геополитички простор. Украина сака членство во Европската Унија. Молдавија сака членство во Европската Унија. Ако сега го следите Исланд, кој во еден момент се исклучи од таа трка поради свои причини, пред сè економски, рибарството и така натаму, сега Исланд најавува дека би распишал референдум. Значи, постои голем интерес токму поради афирмирање на целиот континент како единствен политички простор, со оглед на тоа дека Европската Унија нема алтернатива, но тука мораме да бидеме силни. Кога зборуваме за светот, каде што и меѓународниот светски поредок дојде на некој начин во прашање, мораме да ги бараме оние земји кои ни се слични во поглед на вредностите. Мораме да ја зајакнуваме трансатлантската соработка, тука САД се исклучително важни, како наш партнер. Така што, сè на сè, има простор за соработка, за зајакнување, има простор за одговорни политики, зрели карактери во политиките, кои се свртени кон просперитетот и иднината, на задоволство на граѓаните и на Хрватска и на Северна Македонија, но и секако на целото човештво, подвлече Радман.

Хрватскиот министер попладнево имаше тет-а-тет средба со Муцунски, а потоа се одржа и билатерална средба помеѓу делегациите на двете министерства.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2