Вести
Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите не спровела надзор над ОТА поради недостиг од кадар и технички експерти
Собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите во 2025 година не спровела надзор над овластените органи, ниту над операторите и Оперативно‑техничката агенција (ОТА), покажува годишниот извештај за 2025 година, кој членовите на Комисијата денеска го усвоиja и го доставиja до Собранието.
Комисијата, во текот на минатата година одржала четири седници, но, според извештајот, поради некомплетен состав и недостиг на ангажирани технички експерти, не располагала со технички можности за да изврши надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите.
Во извештајот се наведува дека Комисијата во 2025 година одржала четири седници – втората на 20 февруари, третата на 12 март, четвртата на 14 април и петтата на 7 јули. На седниците се разгледувале годишни извештаи, финансиски планови и материјали поврзани со работата на ОТА и на Јавното обвинителство, но не бил спроведен надзор врз ОТА, иако тоа е една од клучните законски надлежности на Комисијата.
Во извештајот се појаснува дека Комисијата не спровела надзор поради тоа што составот ѝ бил некомплетен, а постојано ѝ недостасувале технички експерти. На јавниот повик за ангажирање двајца експерти се пријавил само еден кандидат, кој не ги исполнувал критериумите за избор. Поради ова, Комисијата не располагала со техничка поддршка за анализа на документацијата, проверка на системите и вршење теренски проверки во ОТА.
Во заклучокот од извештајот, Комисијата укажува дека недостатокот на кадар и техничка поддршка значително го ограничил нејзиниот капацитет да го извршува парламентарниот надзор, кој е од суштинско значење за контрола врз спроведувањето на мерките за следење на комуникациите и за заштита на правата на граѓаните
февруари 25, 2026

