Connect with us

Економија

Божиновска: Нашата цел е да имаме модерна, стабилна и одржлива енергетика

На промотивниот настан „Вештина на иднината“ што го организираше АД ЕСМ во Битола, министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска ја истакна важноста на човечкиот фактор во енергетската трансформација. Таа пред вработени на АД ЕСМ, претставници на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) нагласи дека иднината на енергијата зависи од луѓето, а не од машините.

– Нашата цел е јасна, да имаме модерна, стабилна и одржлива енергетика. Но уште појасна е вистината, иднината на енергијата не ја создава машината, туку луѓето – рече Божиновска.

– Енергетската трансформација не започнува со технологијата, таа започнува со луѓето. Можеме да градиме капацитети, можеме да инвестираме во инфраструктура, да носиме стратегии, но без знаење и обучени професионалци, трансформацијата ќе остане само еден план на хартија. Програмата ‘Вештина на иднината’ реализирана со поддршка на ЕБОР и меѓународните партнери, покажа дека модерната енергетика започнува токму тука, со луѓето – додаде таа.

Во рамки на програмата над 600 вработени во АД ЕСМ стекнале нови знаења и компетенции, што ја прави институцијата поотпорна и подготвена за идните предизвици. Божиновска подвлече дека вложувањето во знаење е исто толку важно како и вложувањето во нови енергетски капацитети: „Енергетската трансформација е процес што бара постојано надградување, партнерство и доверба. Модернизацијата не се случува сама, таа се учи, се гради и се води.“

Заменик генералниот директор на АД ЕСМ, Реџеп Асани, потврди дека новостекнатите вештини ќе придонесат за поефикасно работење и одржлив раст на компанијата.

– Оваа година почнуваме со реализација на три капитални проекти од зелената Агенда. Ќе градиме три фотонапонски електрани кои ќе го зајакнат производното портфолио на АД ЕСМ и ќе влијаат на зголемување на домашното производство на електрична енергија од обновливи извори, а веќе е во тек и теренска реализација на втората фаза од ветерниот парк Богданци – истакна Асани.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2