Вести
JO се „плаши“ за безбедноста на Артан Груби па побарале куќен притвор
Поранешниот вицепремиер Артан Груби доби мерка куќен притвор. Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, по произнесување на осомничениот А.Г., кој вечерва беше спроведен во судот, донесе решение со кое го прифати предлогот на јавниот обвинител и на одбраната за определување мерка куќен притвор со дополнителни мерки за обезбедување присуство против осомничениот.
Основното јавно обвинителство – Скопје предложило да се замени мерката притвор со куќен притвор и одземање на патната исправа за поранешниот вицепремиер Артан Груби, осомничен во предметот за Државната лотарија.
-На барање на второосомничениот преку неговата одбрана истиот во текот на денешниот ден беше спроведен пред надлежниот обвинител каде вршеше увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што на второосомничениот ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана, велат од Обвинителство.
Од таму објаснуваат дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
-По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство, велат од Обвинителство.
Имено, откако утрово КПУ затвор „Скопје“- Скопје, го извести судот дека осомничениот А.Г. од 09:20 часот е спроведен во установата каде што започнал со издржување на мерката притвор, определена со решение од 17.12.2024 година, а стапува на сила од негово пронаоѓање односно лишување од слобода, судот за истото го извести Основното јавно обвинителство и по нивно барање издаде наредба за спровод на осомничениот пред Јавен обвинител за негово сослушување.
Воедно во текот на денот, одбраната на осомничениот, до судот достави предлог за замена на мерката притвор со куќен притвор, кој предлог е проследен до надлежното јавно обвинителство, за да се произнесе по истиот.
Со оглед на фактот дека Jавното обвинителство ја води истрагата и согласно законските овластувања оценува која мерка е соодветна и доволна за непречено водење на истрагата, обвинителството до судот писмено достави позитивно мислење, а воедно на самата расправа за сослушување и Јавен обвинител предложи определување поблага мерка за обезбедување од претходно определената.
Врз основа на сето тоа судот го сослуша осомничениот во присуство на негов бранител и донесе решение за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор со 24 часовен надзор, кој што е доверен на Министерството за внатрешни работи, а дополнително определена е и мерка за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање друг документ за преминување на државната граница.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Со почит, Основен кривичен суд Скопје


