Вести
Мицкоски: Создаваме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места
Денес е значаен момент за нашата држава. Со формирањето на Советот за иновации, научно-технолошки развој и претприемаштво ја потврдуваме нашата јасна и силна определба Македонија да се позиционира како земја на знаење, наука, истражување, иновации и модерна конкурентна економија – изјави премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на конститутивна седница на Советот за иновации.
Мицкоски нагласи дека како Влада преземаат целосна одговорност да ја водат оваа трансформација и оти овој Совет не е само формалност, туку инструмент на стратешка промена и механизам преку кој науката, истражувањето и дигитализацијата ќе станат двигатели на економскиот раст.
– Денес, светот се менува со огромна брзина. Дигитализацијата, новите технологии и истражувањата го дефинираат напредокот на нациите. Нашата цел е јасна – да создадеме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните – рече премиерот.
Истакна дека самата структура и составот на Советот, кој ги обединува клучните министерства и ресори, академската заедница и експертите од разни области, гарантираат интегриран и стратешки пристап во носењето одлуки.
Додаде дека ова тело ќе обезбеди координација помеѓу образованието, науката, дигиталната трансформација и економските политики.
– Нашата цел е мерките да бидат конзистентни, транспарентни и ефективни, со јасни индикатори и мерливи резултати. На оваа прва седница го усвојуваме клучниот документ за следните четири години – четиригодишната програма за поттикнување на иновациите, научно-технолошкиот развој и претприемаштвото. Оваа програма не е само административен акт. Таа е визија за развој заснован на наука, истражување и дигитализација. Таа создава рамка за поддршка – од првата идеја преку истражувачки развој и пилотирање до целосна комерцијализација – посочи Мицкоски.

Тој потенцира дека со оваа политика создаваме основа за отворање нови, квалитетни и добро платени работни места.
– Поддржувајќи ги стартапите, технолошките компании, истражувачките центри и иновативните мали и средни претпријатија, директно инвестираме во подобра економија – економија што создава вредност, извезува знаење и гради долгорочна стабилност. Во координација со Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за економија и труд како креатори на политиките, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемаштво – ИНОВА е главен имплементатор на програмата. Но, успехот нема да биде резултат на една институција – туку на заедничка работа. Владата, ИНОВА, универзитетите, истражувачките институти, приватниот сектор и претприемачите мора да дејствуваат како единствен екосистем – рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека овој Совет испраќа јасна порака дека Македонија избира економија базирана на знаење.
– Избираме инвестиции во наука и истражување. Избираме дигитална трансформација. Избираме нови работни места, повисока продуктивност и подобар стандард за сите граѓани. Време е идеите да ги претвориме во конкретни проекти, истражувањата во решенија, а визијата во реални резултати – заклучи Мицкоски на конститутивната седница на Советот за иновации.
февруари 23, 2026

