Connect with us

Вести

Сиљановска-Давкова: Важно е кој нè претставува надвор, акцентот го ставаме на кариерни дипломати

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во однос на предлозите за амбасадори, денеска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека е најдобро во пополнувањето на испразнетите амбасадорски места акцентот да се стави на дипломати од кариера.

– Законот за надворешните работи ја утврдува постапката, таа почнува од министерот за надворешни работи преку Владата, па потоа ќе дојде кај мене. Сметам дека е најдобро во пополнувањето на испразнетите амбасадорски места да почнеме и акцентот да го ставиме на дипломати од кариера и во моментот 67 проценти од предложените се луѓе од кариера – рече Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите по одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.

Сиљановска-Давкова потсети дека според законот потребно е 50 проценти да бидат дипломати од кариера и изрази надеж дека во иднина ќе се стигне и до 70 проценти кариерни дипломати.

– Тоа не значи дека и во другите држави за амбасадори не се номинираат и луѓе надвор од фелата на амбасадорите. Има држави во кои и новинари понекогаш се номинираат за амбасадори. Се работи за извонредни познавачи на проблематиката и тоа може да бидат професори, тоа може да бидат луѓе од бизнисот, важно луѓе што ја знаат проблематиката, го познаваат јазикот на државата, говорат јазици и со дигнитет и интегритет може да ја претставуваат државата – рече таа.

Претседателката истакна дека нам како држава ни е многу важно кој нè претставува надвор и ја охрабри Владата со ваквите предлози.

– Затоа во овие последни предлози има и луѓе од невладиниот сектор, кои се извонредни познавачи на проблемите, кои треба да ги претставуваат надвор – додаде Сиљановска-Давкова.

Претходно денеска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски рече дека над 60 проценти од новите кандидати за амбасадори се професионални дипломати од редот на вработените во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ). Тој потврди дека на последната владина седница предложил повеќе имиња, кои ќе ги потврди по добивањето на агреманите.

Тој додаде дека поради фактот што оваа информација е од класифициран карактер, не би можел да ги потврди имињата, но по добивање на агреманите и почнување на внатрешните процедури во државата, имињата ќе се потврдат и тие ќе ги одбранат своите тези пред Комисијата за надворешна политика во Собранието.

Владата на седницата во вторникот, како што објавија некои од медиумите, одобрила список од деветмина нови амбасадори и двајца генерални конзули – во Стокхолм, Букурешт, Приштина, Лондон, Хаг, Стразбур, Софија, НАТО и Софија, како и генерални конзули во Солун и Мелбурн.

За амбасадор во Шведска е предложен Мухарем Јусуфи, кадар од МНРиНТ, а Орхан Муртезани од функцијата министер за европски прашања заминува за амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел. 

Поранешниот амбасадор во Украина, Крум Ефремов, е предложен за амбасадор во Софија, во Романија е предложен Габриел Атанасов од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а за амбасадор во Приштина е предложена Катерина Тодоровска.

Линда Салиеска-Иљазоска од МНРиНТ е предложена за позицијата амбасадорка во Хаг, а Илина Мангова, која доаѓа од невладиниот сектор, е предложена за амбасадорка во Лондон. Светлана Гелева е предложена за втор мандат во Советот на Европа во Стразбур. На листата исто така се споменуваат и две имиња за генерални конзули – Томислав Димитровски во Солун и Александар Крстевски во Мелбурн, и двајцата кадар од МНРиНТ. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 1