Connect with us

Вести

Панчевски поднесе јавна кривична пријава против членовите на Советот на јавните обвинители, бара ЈО да постапи по допрен глас

Владимир Панчевски, кандидатот за државен јавен обвинител, кој вчера не доби позитивно мислење од Советот на јавните обвинители, објави дека бара од ЈО, по допрен глас, да постапи по неговата јавна кривична пријава против претседателот, заменик-претседателот и членовите на Советот тврдејќи дека тие ја злоупотребиле службената положба при разгледувањето на неговата кандидатура.

Панчевски во објава на „Фејсбук“ реагира по одлуката на Советот, кој вчера не донесе позитивно мислење за неговата кандидатура, со што тој беше исклучен од понатамошниот изборен процес за функцијата државен јавен обвинител. Според образложението на Советот, Панчевски не го исполнувал условот за најмалку десет години непрекинат стаж во областа на кривичното право.

Панчевски тврди дека членовите на Советот ја искористиле службената положба и ги пречекориле законските овластувања спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за Јавното обвинителство. Тој ја повика Владата да ја поништи постапката посочувајќи дека Советот нема надлежност да врши автентично толкување на законите, туку само да ги применува.

Во неговата пријава стои: 

„Врз основа на чл. 272 од Законот за кривичната постапка до МВР и Јавното обвинителство на РМ, по пат на допрен глас, јас, Владимир Панчевски од Скопје, поднесувам
КРИВИЧНА ПРИЈАВА против:

1. Башким Бесими од Тетово, претседател на Советот на јавните обвинители;
2. Марјана Илиеска од Прилеп, заменик-претседател на Советот на јавните обвинители;
3. Јелена Догазанска-Колева од Скопје, член на Советот на јавните обвинители;
4. Зорица Павловиќ од Скопје, член на Советот на јавните обвинители;
5. Ермон Незири, член на Советот на јавните обвинители;
6. Кети Петкова, член на Советот на јавните обвинители;
7. Светлана Стојковиќ, член на Советот на јавните обвинители;
8. Душица Димитриеска, член на Советот на јавните обвинители;
9. Ардијан Демири, член на Советот на јавните обвинители;
10. Фатих Алиу, член на Советот на јавните обвинители;

за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 ст.1 вв со чл. 22 од Кривичниот законик затоа што:

на 17.2.2026 година пријавените како службени лица, претседател, заменик и членови на Советот на јавните обвинители на седница на Советот на јавните обвинители во постапка по оглас Бр. 08-7375/1 од 29 декември 2025 година за ОГЛАСУВАЊЕ ИМЕНУВАЊЕ JABEH ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, објавен во „Службен весник на РСМ“ Бр.05/2026 од 12 jануари 2026 година со искористување на својата службена положба и со пречекорување на границите на своето службено овластување постапиле спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за Јавното обвинителство при разгледување на мојата пријава и утврдување на посебниот услов констатирале дека:
„Во согласност со законските одредби кандидатот треба да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право. Во конкретниот случај, на кандидатот му престанала функцијата пред 13 години и во меѓувреме не бил ниту судија ниту јавен обвинител. Оттука, тој стаж не може да се смета за непрекинат стаж од областа на кривичното право во смисла на законот – истакнала членот на Советот, Маријана Илиеска, по што, со оглед на наведеното, Советот заклучил дека кандидатот Владимир Панчевски не ги исполнува законските услови и не треба да биде ставен на листата на кандидати за кои ќе се гласа“.
Со што пријавените со умисла потешко го повредиле моето законско право предвидено во член 61 ст. 1 алинеја 1 спротивно на потврдата на Основниот кривичен суд Скопје 07. Су.бр.25/26-1 од 20.1.2026 година, со која се потврдува дека сум бил во редовен работен однос на неопределено време во овој суд на работно место – судија од 8.2.2008 година до 28.7.2020 година и имам вкупен непрекинат судиски стаж во овој суд од 12 години, 5 месеци и 20 дена, со што ме дисквалификувале од понатамошна кандидатура – предлог од страна на Владата и евентуално гласање во Собранието на РСМ.
Исто така, во Советот на јавните обвинители како заменик-претседател учествувало лицето Марјана Илиеска од Прилеп, сопруга на лицето Орде Илиески, осуден за организиран криминал со моја пресуда КОК бр.69/08 од 15.7.2010 година за кривично дело ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ од чл. 279 од КЗ во предметот „Тутунски комбинат – Прилеп“, (каде што се конфискувани 4,5 милиони евра имот од осудените по основ на штета врз буџетот на државата), а пријавената Марјана Илиеска како службено лице обвинител и член на Советот на обвинителите била должна да се изземе при гласањето како блиско лице под сомнеж за пристрасност и судир на интереси бидејки таа знаела и можела да знае дека при одлучувањето постои конфликт на интереси, но го премолчела овој факт.
Оваа кривична пријава е одраз на гнилиот судско-обвинителски систем и предизвик Јавното обвинителство и МВР да отворат постапка по допрен глас и да расчистат со контаминираните кадри што незаконски одлучуваат потешко повредувајки ги правата на граѓаните, носат селективна правда и го рушат угледот на судскиот систем“.

Советот на јавните обвинители вчера одлучи дека Панчевски не ги исполнува условите од најмалку 10 години работен стаж како јавен обвинител или судија од областа на кривичното право.

Во меѓувреме, Панчевски објави документ од Основниот кривичен суд Скопје, според кој тој бил судија од 8 февруари 2008 до 28 јули 2020 година. Според потврдата, тој има стаж од 12 години, 5 месеци и 20 дена, што, како што тврди, директно ги побива констатациите на Советот.

Според толкувањето на Советот, кандидатот мора да има активен стаж непосредно до денот на пријавата, а Панчевски тврди дека законот бара само стекнат вкупен стаж.

Во објавата на „Фејсбук“ стои дека поднел кривична пријава за злоупотреба на службената положба против Башким Бесими, претседател на СЈОРМ, Марјана Илиеска, заменик-претседател, и членовите Јелена Догазанска-Колева, Зорица Павловиќ, Ермон Незири, Кети Петкова, Светлана Стојковиќ, Душица Димитриеска, Ардијан Демири и Фатих Алиу.

Во пријавата се наведува дека тие, на седницата одржана на 17 февруари 2026 година, постапиле спротивно на Законот за Јавното обвинителство и го лишиле од законското право да учествува во понатамошниот изборен процес.

Панчевски дополнително посочува и на можен судир на интереси кај заменик-претседателката Марјана Илиеска, бидејќи таа е сопруга на лице што било осудено за организиран криминал во предмет во кој тој судел како судија во 2010 година. Според него, таа морала да се изземе од гласањето.

Панчевски во својата објава на „Фејсбук“ оценува дека кривичната пријава е „одраз на гнилиот судско-обвинителски систем“ и ги повика Владата, Јавното обвинителство и МВР да реагираат и да ја расчистат постапката.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4