Connect with us

Свет

Трамп: Односите меѓу САД и Грција никогаш не биле посилни

Претседателот на САД, Доналд Трамп, за време на церемонијата во Белата куќа за предавање на акредитивните писма на новиот амбасадор на Грција во САД, Антонис Александридис, грчко-американските односи ги оценил како „посилни од кога било“ – објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Весникот „Катимерини“ пишува дека американскиот претседател при примањето на акредитивите изразил „восхит за Грција, желба да ја посети земјата и упатил срдечни поздрави до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис“.

Во официјалното обраќање, според АНА-МПА, Трамп посочил дека пријателството меѓу Грција и САД е „силно, историско и засновано на заедничкото демократско и духовно наследство“ истакнувајќи дека очекува понатамошно зајакнување на билатералните односи.

Трамп се осврнал и на патот на Грција кон исполнување на целта на НАТО за одбранбени трошоци од пет отсто од БДП нагласувајќи дека Атина покажува „вистинско лидерско присуство“ во рамките на алијансата, но и дека „мирот се обезбедува преку сила“.

Во енергетскиот сектор ги споменал извозот на американскиот течен природен гас (ЛНГ) и вертикалниот коридор оценувајќи дека конкретните инфраструктурни проекти ќе ја зајакнат енергетската безбедност на поширокиот регион.

Паралелно, како што пишува АНА-МПА, се осврнал и на перспективите за зајакнување на соработката во бродоградбената индустрија, вклучително и разговори за изградба на американски фрегати во Грција, како и на проширување на билатералните односи во областа на трговијата и инвестициите.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1