Connect with us

Економија

УЈП: Пилот фазата на е-Фактура успешно се спроведува, досега верификувани 396 е-фактури

Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека пилот фазата на националниот систем за е-Фактура успешно се спроведува во реални услови и веќе покажува мерливи резултати кои ја потврдуваат активната подготoвка на деловната заедница за новиот модел на дигитално фактурирање.

До овој момент, за тестирањето се најавени 148 компании, од кои 57 успешно се регистрирани во системот. Од нив, 15 компании активно го користат системот и имаат креирано и доставено 1.115 е-фактури, при што 396 фактури се успешно верификувани преку платформата. Овие показатели ја потврдуваат функционалноста и стабилноста на решението во пилот фазата.

Компаниите кои се приклучуваат во тестирањето обезбедуваат рана техничка подготвеност пред задолжителната примена на системот, директна поддршка при интеграција, како и можност преку своите повратни информации да придонесат кон финалното унапредување на функционалностите. Раното приклучување овозможува полесна адаптација на ERP и интерните ИТ системи, како и навремена подготовка за целосната имплементација.

Управата за јавни приходи ги повикува ИТ компаниите, ERP провајдерите и економските оператори со сопствени ИТ решенија активно да се приклучат во пилот фазата, да го тестираат API интерфејсот и со своите повратни информации да придонесат кон создавањето на стабилен, сигурен и практичен систем за е-фактурирање кој ќе одговара на реалните потреби на бизнис-заедницата.

Корисни линкови за вклучување во тестирањето:

Техничка документација: https://efakturawiki.ujp.gov.mk

Регистрација и доделување привилегии: https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg

Тест платформа: https://efakturatest.ujp.gov.mk

Сугестии и забелешки: Kontakt.eFaktura@ujp.gov.mk

Управата за јавни приходи останува целосно посветена на имплементација на системот за е-Фактура, во тесна соработка со бизнис-заедницата и ИТ секторот. Aктивното учество на компаниите во пилот фазата претставува значаен чекор кон партнерско креирање на модерен, сигурен и ефикасен систем на дигитално фактурирање, кој ќе овозможи поедноставени деловни процеси, намалени административни трошоци и повисоко ниво на транспарентност во економските текови.

Управата за јавни приходи ги охрабрува сите заинтересирани економски оператори навремено да се приклучат во тестирањето и да придонесат кон успешна национална имплементација и дополнително унапредување на системот додека сè уште е во тест фаза.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2