Вести
Во Нови Сад средба на претседателката на Македонскиот национален совет во Србија и претседателката на покраинската Влада, Маја Гојковиќ
Во Нови Сад денеска се одржа средба на претседателката на Покраинската влада, Маја Гојковиќ, со претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ.
На средбата беше истакната добрата соработка што ја постигна Советот со Покраинската влада, а се разговараше и за поддршката за одбележување на јубилејот – 80 години од почетокот на доселување Македонци на територијата на АП Војводина.
Гојковиќ изјави дека Покраинската влада ќе ја поддржи изградбата на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад, нагласувајќи дека тоа дополнително ќе ги продлабочи односите меѓу Република Србија и Република Северна Македонија.
Претседателката на Советот, Зорица Митровиќ, нагласи дека Покраинската влада обезбедува континуирана институционална поддршка во областа на остварувањето на правата и видливоста на националните малцинства, како и дека македонската заедница ги ужива сите права во Република Србија.

За време на средбата, се разговараше и за одбележувањето на 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете држави, како и за евентуалното одржување на заедничка седница на Владата, во присуство на високи функционери од двете земји.
На состанокот присуствуваа и потпретседателот на покраинската влада и покраински секретар за образование, прописи, администрација и национални малцинства – национални заедници Роберт Отот, потпретседателот на покраинската влада Томислав Жигманов, амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Србија Никола Тупанчески, директорот на Македонскиот информативно-издавачки центар Озрен Симјановски и секретарот на Македонскиот национален совет, Марјан Јованоски.
февруари 10, 2026

