Connect with us

Вести

Касами: Во Софија во моментот немаме кредибилен партнер за разговор што ќе следува по уставните измени

Со оглед дека во Бугарија се предвидени нови предвремени парламентарни избори и функционирање на техничка извршна власт нема со кого да се разговара на тема уставни измени и продолжување на евроинтегративниот процес. Ова од Тетово денес го оцени претседателот на партијата Движење Беса, Биљал Касами, кој имаше средба со новинарите.

– Владата е посветена на сите обврски преземени во делот на интегрирањето да ги реализира што побрзо. Што се однесува до уставните измени тоа е малку покомплексно прашање затоа што тоа бара поинтензивен дијалог и со Брисел и со Софија. Знаеме дека во моментот во Софија, се подготвуваат за нови избори така да за жал немаме кредибилен партнер со кој би разговарале за тоа како после уставните измени. Затоа што за Македонија важно е што ќе се случи после уставните измени, значи не само по себе уставните измени и внесувањето на бугарската заедница во Уставот, изјави Касами.

На новинарско прашање дали коалицијата „Вреди“ ќе прерасне во партија како што беше најавувано, Касами со одговор дека тоа е комплексно прашање кое бара комплексно решение бидејќи се вклучени повеќе партии и движења.

– Ние сакаме со новиот концепт за организирање на „Вреди“ да ги опфатиме сите политички структури, но исто така таа политичка структура да биде отворена и за сите други политички и општествени чинители кои се заинтересирани да бидат дел од ова политичкото движење. Интензивно секојдневно работиме да со креативни решенија да најдеме решение која не само ќе го организира „Вреди“ во рамките на овие политички субјекти кои се сега дел туку тоа ќе биде истовремено и отворање за сите други кои во иднина би сакале да бидат дел од „Вреди“, рече Касами.

Тој ги коментираше политичките случувања, откако со новинарите во Тетово како градоначалник заедно со раководителите на сектори и директорите на јавните претпријатија одржи прв брифинг во 2026 година за состојбите во општината.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1