Connect with us

Вести

Акција на МВР во Скопје и Струмица поврзана со запленетите 5 тони марихуана

И покрај институционалниот молк и ограничените информации што досега излегуваат во јавноста за случајот со запленетата марихуана во Србија и можната поврзаност на македонски компании, неофицијалните сознанија укажуваат дека овојпат институциите не го следат вообичаениот модел на релативизирање и одолговлекување, пренесува Република.мк

Напротив, според информациите до кои се доаѓа, станува збор за тивка, координирана и внимателно водена операција, насочена кон директен удар врз мрежата на канабис-бизнисот во Македонија. Акцијата, како што се тврди, се спроведува во тесен и затворен круг, без јавни настапи и без протекување информации.

Неофицијално, од вечерва е во тек полициска опсада на повеќе објекти и локации во Струмица и Струмичко, а под целосна контрола на надлежните органи е и објект во Скопје, во поранешниот комплекс ОХИС, кој, според истите извори, е запоседнат уште од четврток навечер.

Во операцијата, наводно, се вклучени повеќе институции – полицијата, царинските служби, здравствените инспекторати и јавното обвинителство. Фокусот е ставен на мрежата на таканаречени „легални“ производители на канабис, за кои со години постојат сомнежи дека ја злоупотребуваат дозволената дејност за нелегално профитирање.

Засега нема официјални потврди, но нема ниту деманти. Токму ваквиот институционален молк дополнително ја засилува тежината на случувањата и остава впечаток дека надлежните органи овојпат решиле да не настапуваат со вообичаени прес-конференции, политички пораки и селективни информации, туку да ја доведат акцијата до крај – тивко, системски и без компромиси.

Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, избегна да навлегува во детали за заплената на марихуаната во Србија, што дополнително ги зајакна сомнежите дека во позадина се води поширока и чувствителна истрага, предводена од Министерство за внатрешни работи.

Овие структури, според познавачите, не се изолиран феномен, туку резултат на години толеранција, институционални пропусти и политичка заштита, создадени во периодот на претходната власт, предводена од Зоран Заев.

Дали актуелниот молк навистина значи дека институциите конечно удираат во срцето на проблемот, наместо по неговите маргини, ќе покаже периодот што следи. Доколку тишината е најава за сериозен и конечен удар врз легализираното криминално профитирање, тогаш јавноста има причина внимателно да чека. Повеќе информации се очекуваат во текот на утрешниот ден.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4