Connect with us

Економија

Дурмиши: Зголемување на минималната плата доколку се договорат синдикатите и работодавачите

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска од собраниската говорница образложи дека за да има раст на минималната плата, треба да се земат предвид економската стабилност, инфлацијата и многу други критериуми. Ние, како што рече, сме за зголемување на минималната плата доколку се договорат синдикатите и работодавачите.

Одговарајќи на пратеничко прашање од Борче Цветков од СДСМ дали ќе го поддржат барањето за зголемување на минималната плата, Дурмиши рече дека сакаат да помогнат. 

– Ние сме таму за да помогнеме имајќи ја предвид продуктивноста во нашата земја, која, поради минатите погрешни политики, е на најниското ниво од сите земји во регионот на Западен Балкан, но и во споредба со другите земји. Државната администрација е во служба на граѓаните и на приватниот сектор за да може да создаде нови работни места, да се намали невработеноста и да се зголеми економијата – изјави Дурмиши.

Дурмиши за минималната плата вели дека има една формула и методологија, која и претходната власт, како што рече, ја почитувала.

– Има договор меѓу синдикатите, министерството и Владата. Нашиот став е ставот на формулацијата, која е во сила. Имаме Економски совет, каде што треба да се диксутира за минималната плата. И како и секоја друга точка и оваа се разгледува кога се одржуваат тие средби. Постојано кажуваме дека ние сме таму за да им помогнеме на двете страни. Ние работиме за интересот на сите граѓани, како што се работодавачите, работниците и синдикатите. Каков договор и да се постигне, ние сме таму да го поддржиме. На крај на краиштата, вработените во државната администрација треба да им служат на приватните сектори и ние тоа го постигнуваме преку мерките од Министерството за економија и труд, како што имаме оперативен план, поддршка на мали и средни претпријатија. Знаеме дека главниот столб на нашата држава се малите и средните претпријатија – истакна Дурмиши.

Тој потсети дека минатата година имавме 4,1 отсто инфлација и, како што рече, немаше зголемување на цените, конкретно за прехранбените продукти, каде што требаше да се реагира.

– Нашите проекции се инфлацијата да биде под три отсто и работиме на тоа. Што се однесува до прехранбените продукти, во последните три месеци од годината, според податоците од Државниот завод за статистика, овие продукти имаат намалување на цените. Така и ќе продолжиме, а тоа јасно укажува дека нашите политики имаат ефект – рече Дурмиши. 

Во однос на синдикалната потрошувачка кошница, Дурмиши повтори дека не се против потрошувачката кошница. – Ние не сме против потрошувачката кошница, туку таа не се заснова на сите реални потреби бидејќи има и многу други артикли или продукти за едно семејство што не може да се остварат во нашата земја – рече министерот за економија и труд. 

Дурмиши информира дека нашата земја, според податоци на Светската банка, е последна во регионот во однос на продуктивноста и поради тоа, како што рече, нашите политики се насочени да имаат долгорочни решенија, со нови мерки што ќе влијаат на пораст на економијата, зголемување на внатрешното производство и за поддршка на домашните трговци. 

Министерот Дирмиши образложи дека задоцнил 15 минути на денешната седница со причина и додаде дека не ја прифаќа критиката од пратеникот Оливер Спасовски дека не учествува на седницата на пратенички прашања и не одговара на поставените прашања. 

Оливер Спасовски, пак, процедурално рече дека секогаш ќе реагира и нагласи дека според Деловникот на Собранието сите пратеници треба задолжително да присуствуваат на седница на пратенички прашања. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 4