Connect with us

Економија

Работилница на Народната банка: Практични аспекти и предизвици за компаниите при вршењето плаќања преку СЕПА

Во соработка со Стопанската комора на Република Северна Македонија, Народната банка организира работилница за деловната заедница. Целта беше компаниите да се запознаат одблизу со новите услови и начинот на извршување на прекуграничните плаќања во евра, како и со конкретните придобивки од членството на земјата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Ова е прва ваква работилница наменета за деловната заедница, на која присуствуваа повеќе од 60 компании, главно од извозно-увозниот сектор. За нив СЕПА е од посебно значење, бидејќи голем дел од надворешната трговија и финансиските трансакции се остваруваат токму со земјите од СЕПА.

Работилницата е дел од активностите на Народната банка за појаснување на можностите за компаниите и за подобро искористување на придобивките по оперативното приклучување на домашните банки кон СЕПА. Покрај презентирање на практичните аспекти на плаќањата преку СЕПА, на настанот се одвиваше и директна дискусија со компаниите, размена на искуства и се увидоа предизвиците со кои се соочуваат при користењето на овие услуги.

Во текот на дискусијата се истакна дека СЕПА овозможува побрзи, поевтини и потранспарентни плаќања во евра, со предвидливи трошоци и поедноставени процедури. Имено, со плаќањата преку СЕПА, компаниите имаат во просек осумкратно пониски надоместоци за одливните плаќања, а тројно пониски надоместоци за приливите на износ од 20.000 евра во споредба со СВИФТ/кореспондентните трансфери. Ова носи заштеда од стотици до илјадници евра годишно за компаниите што редовно тргуваат со компании од четириесетте земји од СЕПА, што, пак, директно помага за подобро управување со ликвидноста и ја зголемува конкурентноста на македонските компании на меѓународните пазари.

Народната банка и понатаму ќе биде посветена на максимално искористување на придобивките од членството во СЕПА од страна на деловната заедница. Таа и во иднина ќе поведува вакви иницијативи, во тесна соработка со стопанските комори, банките и компаниите, за да се продлабочи интеграцијата на домашната економија во европскиот платежен простор.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4