Connect with us

Економија

Петгодишна стратегија за поголема конкурентност на малите и средните претпријатија

Министерството за економија и труд денеска ја презентираше петгодишната национална стратегија за развој на малите и средните претпријатија која треба да овозможи поголема конкурентност и зголемување на извозниот потенцијал на овие претпријатија. 

Стратегијата, како што беше посочено на презентацијата, содржи мерки за поедноставување на регулативите, подобрување на пристапот до финансии и поддршка за зелена и дигитална транзиција на овие претпријатија. 

Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените.

– Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници, истакна министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Документот, како што посочи Дурмиши, е изработен низ инклузивен процес и е целосно усогласен со политиките на Европската Унија.

– Стратегијата директно ја подготвува нашата економија за интеграција во единствениот европски пазар, рече Дурмиши.

Имплементацијата ќе ја координира Министерството за економија и труд во партнерство со релевантните институции, стопанските комори, финансиските институции и меѓународните партнери. Предвидени се и механизми за редовно следење и оценување, со цел обезбедување транспарентност и мерливи резултати во периодот 2025–2030 година. 

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 4