Хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
-Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата. Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми. Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, информира Обвинителството.
јануари 11, 2026


