Connect with us

Регион

Студентите во блокада во Србија објавија колку потписи собрале

Во неделата, на 28 декември, студентите во Србија ја организираа акцијата „Потпиши победа“, преку која собираа потписи од граѓани како поддршка за барањето за распишување вонредни парламентарни избори. Студентите кои учествуваат во блокадите објавија дека за само еден ден биле собрани речиси 400.000 потписи, пренесува N1.

„Ние сме тие што ја распишуваат победата“, порачаа студентите преку социјалните мрежи.

Факултетот за електротехника (ETF) во блокада прв ги објави резултатите, со доза хумор. „400.000 потписи за еден ден. Прва теренска акција низ цела Србија. Потпишуваа и војници, и полицајци, и уценети чувари на ‘ќациленд’. Не очекувавме ваков одзив од пензионери. Дури сега почнуваме. Ќе има уште штандови“, напишаа студентите на платформата X.

Подоцна, исто така во шега, додадоа: „Добро, 393.045, ама дијаспората ќе нè догура до 400.000.“

Акцијата „Потпиши победа“ беше најавувана подолг период. Студентите поставија околу 400 штандови во приближно 100 градови и населени места низ Србија. Акцијата траеше по неколку часа, а на дел од локациите и цел ден.

Во понеделникот беше активиран и онлајн-формулар за граѓаните на Србија кои живеат во дијаспората. Поради големиот интерес, формуларот ќе остане достапен и наредниот ден, наместо само 24 часа како што првично беше најавено.

Факултетот за технички науки во блокада соопшти дека во Нови Сад биле собрани околу 40.000 потписи, а на ниво на Војводина вкупно 93.000. Студент од Ниш претходно за телевизијата N1 изјави дека во тој град за неколку часа биле собрани 17.000 потписи, додека во Бачка Топола околу 500.

Во Горњи Милановац, според објавата на локалните студенти, поддршка дале 3.140 граѓани. „Оваа акција ни покажа дека и по студено време, со мал број луѓе на терен, може да се направи нешто значајно кога постои волја и труд“, порачаа студентите. На последните избори во оваа општина биле запишани 34.896 избирачи.

Во Ужице и градската општина Севојно биле собрани 5.031 потпис. „Овие бројки не се статистика, туку порака – порака дека граѓаните ги поддржуваат студентските барања и дека се подготвени за промени“, наведоа ужичките студенти. На претходните избори во Ужице биле запишани 63.393 избирачи.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1