Connect with us

Вести

Мицкоски: Вашето враќање е порака дека Македонија не е заборавена, корените не се пресечени и дека љубовта кон домот не исчезнува

„Драги пријатели,

Почитувани сограѓани,

Денес зборувам пред луѓе кои носат посебна тежина во ова општество. Луѓе кои ја знаат татковината и одвнатре и однадвор. Луѓе кои заминале, не затоа што сакале да ја напуштат татковината, туку затоа што животот, времето и околностите ги натерале да бараат подобри услови, сигурност и перспектива. И најважно – луѓе кои се вратиле и тука започнале нова, успешна приказна.

Вашето враќање не е симболично. Тоа е суштинско. Тоа е порака дека Македонија не е заборавена, дека корените не се пресечени и дека љубовта кон домот не исчезнува, без разлика на годините и далечината.

Сакам јасно и искрено да кажам:

Ние не можеме да се лутиме на оние кои заминале.

Ги разбираме.

Ја разбираме нивната мака, нивната борба, нивните тешки одлуки.

Знаеме дека многумина заминаа, затоа што немаа избор. Затоа што сакаа подобро образование за своите деца, посигурна работа, достоинствена плата, стабилен живот. И тоа е нормална човечка потреба. Тоа е борба за иднина.

Но исто така знаеме и нешто друго.

Дека колку и да оди човек далеку, срцето секогаш го влече назад.

Затоа што, како што мудро вели нашиот народ – каменот тежи на своето место.

Каде и да одите низ светот, колку и да сте успешни, таму секогаш ќе бидете дојденци.

Почитувани пријатели, ценети, можеби и добро платени – но дојденци. Само дома си свој. Само дома твоето име, твојот труд и твојата приказна имаат длабок корен и трајна вредност.

Вие што денес сте тука сте жив доказ за тоа. Вие покажавте дека знаењето и искуството стекнато надвор не се губат кога ќе се вратите, туку добиваат смисла. Стануваат темел за нови бизниси, нови работни места, нови идеи и нова енергија во нашата економија.

Земјата денес не е земја што стои во место. Македонија се менува и се развива.

Економијата расте. Се инвестира во индустрија, во енергетика, во инфраструктура. Се градат патишта, фабрики, капацитети што носат додадена вредност. Се отвора простор за претприемништво, за иновации, за младите и за оние што сакаат да вложат и да создаваат дома.

Како Влада, нашата обврска е да создадеме услови. Да обезбедиме стабилност, правна сигурност, поддршка за инвестиции и јасна насока за развој. Но ниту една стратегија, ниту еден план не може да успее без луѓето.

Државата не се гради само со институции.

Државата се гради со умови.

Со знаење.

Со искуство.

Со храброст да се преземе одговорност.

Затоа гласно велиме дека ни требаат сите. Ни треба секој Македонец кој сака да придонесе. Ни треба секој што научил нешто надвор и е подготвен тоа да го вложи дома. Ни треба секој што верува дека оваа земја може и мора да биде подобро место за живеење.

Преку вашиот пример, денес испраќаме порака до сите наши луѓе родум од Македонија, ширум светот:

Ве разбираме.

Ве почитуваме.

И вратите се отворени.

Не ветуваме лесен пат. Но нудиме смисла. Нудиме можност да се биде дел од нешто поголемо. Нудиме шанса трудот да не биде само личен успех, туку и придонес за заедницата и идните генерации.

Домот не е совршен. Домот се гради. Се поправа. Се унапредува.

А нашата заедничка Македонија денес е токму тоа – дом што се гради и во кој има место за сите свои луѓе.

Вие сте доказ дека може.

Вие сте пример дека враќањето е сила.

И вие сте гласот што најдобро може да им каже на другите – дека каменот, кога ќе се врати на своето место, тежи најмногу.

Ви благодарам.“

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 5
Ad 1