Економија
НБ: Во ноември годишен раст од 11 отсто на вкупните депозити и од 12,7 отсто на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити во ноември годинава се повисоки за 11,0%, што во поголем дел се должи на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 12,7%, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при малку поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор, информираат од Народната банка (НБ).
Паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2 ), во ноември 2025 година, забележа месечно зголемување од 0,1%, пред сè како резултат на растот на краткорочните депозити, при умерен раст и на готовите пари во оптек и депозитните пари, а во услови на пад на долгорочните депозити до две години. На годишна основа, паричната маса оствари раст од 11,2%, поради зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити, готовите пари во оптек и долгорочните депозити до две години. ‒ Во ноември, вкупните депозити3 се повисоки за 0,3% и 11,0% на месечна и на годишна основа, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена во поголем дел се должи на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор.
Вкупните кредити, во ноември, бележат раст од 1,3% и 12,7% на месечна и на годишна основа, соодветно, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при малку поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Овој месец, вкупните депозити на корпоративниот сектор се зголемени за 0,5% на месечна основа, главно под влијание на растот на депозитните пари, а во помала мера и на долгорочните депозити во денари и на краткорочните депозити во странска валута, додека долгорочните депозити во странска валута и краткорочните депозити во денари остварија намалување. Годишниот раст изнесува 9,3% и во најголем дел е резултат на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута и во денари. ‒ Кредитите на корпоративниот сектор5 , во ноември, забележаа месечно зголемување од 1,5%, во најголем дел поради зголеменото кредитирање во денари, при помал придонес и на кредитите во странска валута. На годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор се повисоки за 14,5%, во целост поради зголеменото кредитирање во денари.
Во ноември, вкупните депозити на домаќинствата бележат нагорна месечна промена од 0,4%. Притоа, промената во поголем дел произлегува од зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, при помал раст и на краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута, а во услови на остварен пад на депозитните пари. Во споредба со ноември претходната година, растот изнесува 12,4% и главно се должи на повисоките депозитни пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута. ‒ Овој месец, кредитите на домаќинствата се повисоки за 1,1% и 11,1% на месечна и на годишна основа, соодветно. Промената кај двете основи е одраз на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари.
Во ноември, според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити е остварен месечен раст од 0,9% и 1,6%, соодветно, при годишен раст од 10,5% и 16,5%, соодветно. Автомобилските кредити, во ноември, забележаа месечно и годишно зголемување од 1,6% и 0,4%, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитните картички се намалени за 0,5% и 6,4% на месечна и на годишна основа, соодветно. Овој месец, негативните салда на тековните сметки бележат месечен и годишен раст од 5,0% и 0,9%, соодветно. Кредитите одобрени врз други основи, во ноември, остварија месечно и годишно намалување од 0,8% и 10,0%, соодветно
декември 19, 2025


