Connect with us

Вести

Е-Сандаче и терминали за услуги – нови алатки за полесна комуникација меѓу државата и граѓаните во рамки на СМАРТ/МК 2030

Во рамки на Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030, денеска беа претставени две нови дигитални алатки кои ќе ја забрзаат комуникацијата меѓу државата и граѓаните: е-Сандаче и дигитални терминали за услуги. Овие решенија се дел од стратегијата за модерна, транспарентна и ефикасна дигитална држава, која се темели на четири клучни столба – инфраструктура, дигитални вештини, е-управување и иновации.

На денешната конференција, „Трансформирање на иднината. Дигитална стратегија за современо општество“ министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ја истакна суштината на Националната стратегија за развој на ИКТ –  СМАРТ/МК 2030, нејзината логика и конкретната имплементација, нагласувајќи дека таа е темелена на четири столба усогласени со Европската дигитална декада.

-Стратегијата ги поврзува инфраструктурата, луѓето, институциите и економијата во еден кохерентен систем, рече Андоновски, додавајќи дека целта е ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

Првиот столб се однесува на современа ИКТ инфраструктура и поврзливост, која е предуслов за еднаков пристап и економски развој. Во фокусот се висококвалитетната широкопојасна мрежа, 5G поврзаноста и затворањето на јазот меѓу урбаните и руралните средини. Вториот столб се луѓето, бидејќи дигиталната трансформација нема смисла ако граѓаните не можат, не знаат или не се чувствуваат безбедно да ги користат дигиталните услуги.

-Дигитално писмен граѓанин е посилен граѓанин, нагласи министерот, додавајќи дека ова е инвестиција во човечки капитал и отпорност кон сајбер ризици, дезинформации и злоупотреби.

Третиот столб е е-управувањето и дигиталните јавни услуги, кои треба да обезбедат поефикасна, потранспарентна и помалку бирократска администрација.

-Тука дигитализацијата не е техничка мерка, туку алатка за подобро владеење, истакна Андоновски.

Четвртиот столб се однесува на бизнисите, иновациите и новите технологии како двигател на конкурентноста и продуктивноста, со јасна амбиција да се вгради вештачката интелигенција и податоците во економскиот развој, да се зголеми дигиталната зрелост на компаниите и да се поддржат стартапите и иновациите.

Андоновски најави два клучни проекти кои ќе ја забрзаат дигиталната трансформација. Првиот е е-Сандаче, централизирана платформа за безбедна и правно валидна комуникација меѓу државата и граѓаните, достапна преку националниот портал uslugi.gov.mk. Преку е-Сандачето, граѓаните ќе можат да примаат службени документи, известувања, решенија и потврди директно во својот дигитален профил, со доказ за прием и целосна правна сигурност.

-Ова не е обична електронска пошта, туку систем заснован на европските eIDAS стандарди, со силна идентификација и енкрипција, истакна министерот.

Вториот проект се Терминалите за услуги, дигитални киосци кои ќе бидат поставени на фреквентни локации низ државата и достапни 24/7. Преку нив, граѓаните ќе можат да се идентификуваат со лична карта или пасош, да пристапат до порталот за електронски услуги, да вршат плаќања и да добиваат документи веднаш на самото место. 

-Дигиталната трансформација не е апстрактна реформа, туку практично подобрување на секојдневниот однос меѓу државата и граѓаните, порача Андоновски, нагласувајќи дека со СМАРТ/МК 2030 државата поставува јасна визија за модерно, транспарентно и европско управување. 

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2