Вести
АХВ: Спроведени 262 контроли на безбедноста на новогодишните пакетчиња, утврдени минимални недоследности
Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за контрола на безбедноста на детските новогодишни пакетчиња. Надзорите, како што информираат од АХВ, биле спроведени во магацини за пакување на пакетчиња, маркети и продавници кои вршат промет со овој вид призводи, при што утврдени се минимални недоследности.
По спроведените 262 инспекциски контроли на безбедноста на новогодишните пакетчиња, нема оператори со храна кои се парично казнети, ниту е поништена небезбедна храна.
Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите во пакетчето и поради некомплетни декларации, инспекциските служби на АХВ издале четири решенија со наредба за повлекување од промет на новогодишни пакетчиња, а на двајца оператори со храна, издадени им се решенија со наредби за ставање збирни декларации на пакетчињата.
– Во споредба со лани спроведените контроли на безбедноста на оваа категорија производи, кога беше утврдено несоодветно означување на пакетчиња, немање декларации и наведен рок на употреба на збирно пакување, најдени беа и пакетчиња кои содржат производи со поминат рок на употреба и со краток рок на трајност на призводите, како и производи со променети органолептички својства, годинава, кај операторите, утврдени се само минимални недоследности, се вели во соопштението од АХВ.
Агенцијата, како што информираат, и во наредниов период, особено пред и по новогодишните празници, ќе продолжи со спроведување контроли за следење на безбедноста на оваа категорија производи.
декември 19, 2025


