Економија
Охридските угостители подготвени за претстојните новогодишни празници, досега распродадени над 70 отсто од капацитетите
Охридските хотелиери и угостители ги привршуваат подготовките за што поуспешен пречек на гостите кои ќе решат тука да ги минат новогодишните празници. Првичните информации за исполнетоста на две седмици пред празниците покажуваат умерено зголемен интерес кај туристите за пречек на Новата 2026 година на охридското крајбрежје.
Хотелиерите велат дека интересот за аранжманите оваа година е речиси идентичен, можеби за нијанска поголем споредено со минатата година, со распродадени над 70 проценти од капацитетите. Оние помалите се целосно распродадени, а слични се очекувањата и на останатите, имајќи ги предвид навиките на луѓето од земјава, па и регионот во последен миг да се носи одлука каде да се поминат Новогодишните празници.
Цените нешто повисоки во споредба со минатата година
Она што е поразлично од лани е што оваа година цените на аранжманите и на ресторанските услуги се малку повисоки. И хотелиерите и угостителите целат дека тоа е последица на зголемените цени на репроматеријалите и прехранбените производи.
Првата информација ни ја даде Крсте Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија, ХОТАМ, кој рече дека се очекува солидна посетеност, можеби и подобра од минатата година.

– За Новогодишните празници поголем дел од хотелите ќе работат со дочек на Новата година, но дел од нив и само со сместување односно на база ноќевања и појадок, со дочеци по рестораните на крајбрежјето, рече тој.
Хотелите со висока исполнетост и гости од регионот
Блажевски кој е и сопственик на хотелот „Дрим“ посочи хотелот е целосно закупен со гости од Бугарија, на база тридневни аранжмани по цена од 250 до 280 евра по лице, со дочек на Новата година.
Целосно закупен е и хотелот „Милениум палас“. Речиси сите од гостите што тука ќе ги минат празниците се од соседна Србија.
– Хотелските капацитети се целосно пополнети за престојните Новогодишни празници. Речиси сите гости се од Србија, освен неколку кои се од западноевропските земји. Нашата понуда оваа година изнесуваше 189 евра тридневен аражнжман на база полупансион, со вклучена свечена вечера. Пречекот на Новата година е резервиран само за гостите во хотелот, со богата трпеза и забава до раниту утрински часови, изјави за МИА, Игор Јанески, менаџер во хотелот „Милениум палас“.

Хотелот „Белведере“ нуди тридневни аранжмани за две лица по цена од 550 евра, на база полуапансион со појадок и две свечени вечери, за дочекот и за 1 јануари. Имаат своја програма за двете вечери, а најмногу од гостите се од Србија, Грција и од Црна Гора.
Целосно распродаден е и хотелот „Нова Ривиера“, со закупени аранжмани уште од август, со гости од Србија. Цената на аранжманите е 470 евра по лице, за ноќевање со појадок и вкучени две свечени вечери и тоа со неограничен пијалок. Ресторанските услуги во „Нова Ривиера“ чинат 6200 односно 5580 денари за Новогодишната и првата ноќ во 2026 година, со неограничен пијалок, богато новогодишно мени и забава со познати естрадни уметници до раните утрински часови.

Филип Мишевски, менаџерот во „Метропол-Белви“ рече дека има уште слободни соби, но оти поголемиот дел од капацитетите се закупени од домашни и гости од регионот. Цената на дводневен аранжман по лице со две свечени вечери чини 177 евра.
Во хотелот „Инекс-Олгица“ нема организиран дочек на Новата година, но хотелот работи реодовно, со периодични промотивни цени на аранжманите. Моментално цената за ноќевање со појадок изнесува 92 евра, со вклучени хотелски услуги како користење на спа и фитнес-центарот. За празниците има слободни места, но дел од капацитетите веќе се закупени од гости од Србија.
Целосно закупени се и капацитетите на комплексот хотели „Климетица“.
– Распродадени сме целосно однапред. Гостите се 80 отсто од Бугарија, останатите домашни. Тридневен аранжман чини околу 200 евра со вклучени две свечени вечери. Дел од понудата е изненадување за гостите, на 1 јануари имаме организирано ручек, со забава и музика на терасата „Св. Стефан“, изјави Љупчо Цветаноски, сопственик на „Климетица“. Тој истакна дека веќе години има добра соработка со партнерите, како домашни така и во странство, и во договор со коминтентите се усогласува цената и услугите, во интерес и зависно афинитетите на гостите.
Рестораните со резервирани места и различни ценовни понуди
Што се однесува на рестораните низ градот, и таму повеќето се со резервирани места за пречекот како и за останатите вечери. Цената варира зависно категоријата и местоположбата на објектот, но во секој случај цените се повисоки отколку лани. Цената варира меѓу 45 и 100 евра, со тоа што некаде таа вклучува забава со познати етрадни уметници и неограниен пијалок, додека некаде тоа е само за свечена вечера, пијалоците се доплаќаат. Дел од рестораните ќе работаат и на варијантата отворен влез, без организиран пречек со редовни цени на услугите.
Во ресторанот „Света Софија“ пречекот на Новата 2026 година чини 70 евра, со богато новогодишно мени и музика во живо. Сопственикот Митко Пендов рече дека речиси целосно се пополнети, најмногубројни се гости од Србија.

Ресторанот „Чун“ е целосно распродаден, по цена од 90 евра за свечено новогодишно мени, со неограничен пијалок и музика. Гостите се речиси 80 проценти од Србија, останатите домашни. За првата ноќ во Новата година се наплаќа 30 евра за влез, со доплата зависно нарачката.
Во ресторанот „Александрија“ дочекот чини 90 евра со вклучено богато свечено мени, неограничен пијалок и музика во живо.
Рестораните „Билјанини извори„ и „Кај Четкар“ новогодишната забава изнасува 75 евра, со вклучено новогодишно мени, од кои 15 евра за пијалок.
Празнична атмосфера и организиран пречек на плоштадот
Забава ќе има и по кафулињата низ градот, каде цените варираат, но приближно тоа ќе ве чини две илјади денари за влез со закуска односно мезе, додека пијалоците се по редовни цени. Сепак, и менаџерите на кафулињата посочуваат дека веќе се претежно исполнети така што за место потребна е резервација однапред, со оглед на ограниченоста на капацитетите.

Поскапо од лани е и приватното сместување, каде исто како и кај останатите услуги станоиздавачите цените ги формираат зависно локацијата, големината, бројот на легла и категоризацијата на објектот што се нуди под закуп. Интерес за приватните сместувачки капацитети има, но тој е далеку помал споредбено со летната сезона, воглавно се бараат капацитетите во центарот на градот.
Секако, голем дел од гостите во Охрид ќе бидат и оние кои имаат свои станови и викенд-куќи во градот или во некои од туристичките населби на ривиерата.

Традиционално организиран дочек на Новата 2026 година ќе има и на Градскиот плоштад, со забава за празниците на отворено. Програма за дочекот на 31 декември ќе има во текот на целиот ден, но главната забава почнува во 20 часот со музика што ќе ја одберат ди-џеите Јуксел и Багзи, а веселбата ќе кулминира со настапите на македонските естрадни уметници Влатко Лозановски, Ефто Пупиноски и Ѓоко Танески.
Забава ќе има и вечерта на првиот ден од Новата година на 1 јануари, со концертите на легендарните „Меморија“ и музичкиот состав „Фузија“.
Инаку, градот е веќе свечено украсен, централното градско подрачје и поважните сообраќајници блеснаа со освежено осветлување и нови реквизити. Низ градот се чувствува претпразничната атмосфера, исполнети се сите предуслови за весели новогодишни и божикни празници.
Позитивно е што години наназад гостите кои дошле во Охрид за новогодишните празници без исклучок самите велат дека заминуваат задоволни од понудата, цените, забавата…
декември 18, 2025


