Вести
Истражување на ОБСЕ: Две третини од младите жени и девојки биле или жртва или сведок на родово базирано насилство
Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска презентираше ново истражување за онлајн и офлајн-насилство врз млади жени и девојки во јавниот живот. Според истражувањето значаен дел од младите жени се чувствуваат небезбедно на јавни места поради нивниот род, со ранливости обликувани од социоекономски фактори, образование и место на живеење. Тоа исто така укажува на ниската стапка на пријавување и потребата за подобрена координација, пристапност и доверба во одговорите на институциите.
– Наодите од истражувањето покажуваат дека младите жени и девојки се свесни каде да се обратат во случаи на потреба за пријава на родово базирано насилство, меѓутоа, сепак, се чуствуваат небезбедни во дигиталните простори и во големите јавни простори. Две третини од сите испитанички сметаат дека биле или жртва или сведок на родово базирано насилство во различни форми. Најчесто застапено е економското насилство, вербалното насилство, психолошкото и физичкото насилство. Тоа што загрижува е дека 34 проценти биле или жртва или сведок на физичко насилство. Во различни јавни простори доминира различна форма, истакна Жанета Попоска, национална офицерка за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Како што посочи Попоска, во образовните институции доминира вербалното насилство и психолошкото вознемирување, во јавните простори доминира сексуалното вознемирување. – А тоа што е поразително како факт е дека само пет проценти од жените кои што биле жртва или сведок на родовото базирано насилство го пријавиле истото. Причините за непријавувањето се најчесто страв, стигма, недоверба во институциите во брзиот и навремен одговор на институциите, како и страв од повторување на насилството, вели Попоска.
Во однос на дигиталниот простор и реперкусиите врз младите девојки и жени покажува дека 10 проценти од младите девојки и жени го искусиле како жртва, а 15 проценти дополнително посведочиле.
– Тоа значи дека секоја четврта млада девојка или жена биле жртви на овој тип на насилство. Тоа што дополнително поразително кај оваа форма на насилство е што уште помалку ја пријавуваат. Најчесто се обраќаат на семејства и пријатели за поддршка, емоитивна, психолошка поддршка и помош. Многу помалку на институции, рече Попоска. Тоа што охрабрува, нагласува таа, полицијата се гледа како институција која што прва треба да реагира во случаите на родово базирано насилство.
Амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја нагласи важноста од претворање на истражувањата во долготрајно влијание.
– Кога настанува насилство, молчењето не е опција. Сите имаме одговорност да реагираме и пријавиме. Пријавите за насилство мора да бидат приоритет, а институциите се обврзани да делуваат со должно внимание, рече Вал.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани ја истакна важноста на координирана социјална поддршка.
– Мора да изградиме систем кој реагира рано, на хуман и координиран начин, за ниту една жена да не биде сама. Подготвуваме нова Стратегија за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство 2026–2033, заедно со Акциски план за 2025–2029. Овие стратешки документи ќе водат кон навремена и ефективна заштита за секоја жена, рече министерот Лимани.
Спроведено во 2025 од страна на друштвото за истражување „Индаго“, истражувањето се заснова на репрезентативен примерок од 600 млади жени и девојки на возраст од 18 до 29 години од сите статистички региони на земјата, надополнето со фокус-групи составени од претставници на граѓанското општество како и експерти. Тоа нуди детален увид во перцепциите за безбедност, шеми на пријавување, институционални одговори и ризици во подем, како дигиталното насилство.
Преку Националната работна група за превенција на насилство помеѓу младите, Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе продолжи да работи со националните засегнати страни за да се интегрираат потврдените препораки во развој на политики и практични мерки, водејќи сметка за долготрајна одржливост и мерливи резултати.
декември 17, 2025


