Connect with us

Економија

Шведско-македонската стопанска комора најави активности за нови економски партнерства и инвестиции

Економската соработка помеѓу Северна Македонија и Шведска ќе се надградува преку активности на Шведско-македонската  стопанска комора која ќе биде динамичен мост за поврзување на компаниите, институциите и идеите од двете држави, беше истакнато денеска на официјалната инаугурација на комората во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во Скопје. Промоцијата во државава следува по официјалниот старт на оваа комора во октомври во Стокхолм. 

Марија Николовска, претседател на Комората најави дека клучни активности на комората ќе бидат поддршка на компаниите, олеснување на соработката на бизнисите, организирање форуми и настани и промоција на иновативни еколошки бизнис практики. 

– По успешното официјално отворање во октомври годинава во Стокхолм денеска ја продолжуваме нашата мисија дома со ист ентузијазам и иста посветеност да градиме долгорочно и значајно партнерство помеѓу двете држави. Комората е основана со јасна цел – да промовира размена, инвестиции, претриемништво и одржлив развој на релациите помеѓу Шведска и Северна Македонија како и да ги поддржува  бизнис интересите на нашите членки, рече Николовска.  

Таа ги повика македонските компании да го истражат шведскиот пазар за воспоставување нови партнерста, а шведските компани да го препознаат потенцијалот на нашата држава.

Како што соопшти извршниот директор на комората Самуил Наумовски Викиус, членки  на комората се компании од двете држави од различни сектори.

–  Целта е заедно да понудиме што повеќе знаење, експертиза и поврзувања. Отворени сме за членство на што повеќе компании, рече Наумовски Викиус, најавувајќи дека следната година ќе организираат  Инвестициски форум во државава, во соработка со владини претставници, туристичко роад шоу за Северна Македонија,  Шведско-македонски бизнис форум…

Заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски ја истакна определбата за интензивирање на билатералната соработка и јакнење на економските врски со Шведска.  Посочи дека комората ќе служи како мост за поврзување на компаниите и охрабрување за нови инвестиции и трговски партнерства.

– Ќе им помогне на нашите бизниси да го истражат шведскиот пазар, бенефитите од  тамошните високи стандарди и  поврзување со една од најиновативните европски економии. Исто така  ќе ги отвори вратите за шведските компании за потенцијаот и можностите и талентите што ги нуди Македонија, рече Димитровски.

Ола Сулстром, амбасадор на Шведска во државава, пак, порача дека јакнењето на економската соработка ќе биде клучниот чекор во 2026 година за натамошна надградба на одличното партнерство меѓу двете држави. 

– Ние сме меѓу најсилните подржувачи на вашиот пат за членство во Европската унија, се надеваме на прогрес во 2026 година. Партнери сме во НАТО, во економијата имаме соработка помеѓу компаниите, инвестиции, размена и би сакал листата на компании што се тука да се зголеми, посочи амбасадорот.   

Укажа  и дека јакнењето на економските врски е тимска работа, во која главната улога ја имаат бизнисмените и оти е убеден дека следната година ќе има нови постигнувања во економската соработка. 

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 1