Connect with us

Економија

Има пари во Буџетот, тој е стабилен и во одлична кондиција, вели премиерот Мицкоски

Пари во буџетот има, истиот е стабилен и во одлична кондиција, додека датумот 15 декември не значеше затворање на трезорот, туку иницијатива за правните субјекти да бидат поодговорни во испраќањето на налози, за да не биде се, како што рече во 5 до 12, изјави вечерва претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

-Кога зборуваме за трезорот сакаме едноставно да има ред, тоа значи дека минатата година се случи во 5 до 12 многу налози да дојдат и да не може тие да се обработат, се случуваше доверителите да не добијат навремено, да влеземе во друга фискална година, затоа рековме нека биде 15 декември последниот датум, да се обидеме сите да бидеме дисциплинирани. Се разбира дека и на 25 и на 31 декември ако дојде налог истиот ќе биде процесуиран, но вие не можете секогаш во 5 до 12 да ги завршуваме работите, ајде еднаш да бидеме дисциплинирани и навремено да ги завршуваме работите, ете тоа беше иницијативата, истакна премиерот Мицкоски во интервју во Тема на ТВ Сител.

Во однос на обвинувањата на СДСМ дека недостасувале 60 милијарди денари, премиерот Мицкоски нагласи дека тоа е невистина, односно апсолутно буџетот е во одлична кондиција. 

– Веќе во првите 10 дена од овој месец се собраа 15 милијарди, да не заборавиме дека 25 во месецот се плаќа ДДВ и слично, но тоа што тие го гледаат како податок на сајтот на Министерство за финансии не ги вклучува сопствените приходи на институциите, затоа што сите тие имаат буџетска и сопствена сметка. Кога сето тоа ќе се вклопи, односно кога ќе влезе во базенот, доаѓаме до оние 350-60 милијарди денари кои треба да ги собереме, но исто така треба да знаеме дека и расходите процентуално ги пратат приходите, односно расходите се во истиот процент како и приходите, тоа значи дека буџетскиот дефицит се намалува, а тоа е разликата помеѓу расходната и приходната страна, рече Мицкоски.

Премиерот категорично ги отфрли наводите дека имало доцнење со исплати  надвор од разумен рок од неколку дена. 

-Сите средства се исплаќаат навремено, може да има некој ден доцнење, од проста причина што прераспределбата во буџетот помина сега во рамките на Собранието, и сега треба да се потпише, да излезе во Службен весник и тој процес да помине низ институциите и тие да ги префрлат тие средства до граѓаните и крајните корисници, рече премиерот Мицкоски.

Во однос на буџетскиот дефицит премиерот Мицкоски појасни дека тој се финансира на три начини еден е преку државните хартии од вредност, вториот преку екстерни извори односно договор со комерцијална банка откако претходно ќе се направи локален натпревар на понуди, и третиот преку еврообврзница потсетувајќи дека владата врати, еврообврзница, а не издаде нова. 

– Јас ќе ги потсетам граѓаните дека оваа година ние не издадовме еврообврзница, а вративме еврообврзница од половина милијарда евра на 19 јануари. Ние вративме половина милијарда евра, а не издадовме.  Буџетскиот дефицит оваа година ќе биде под 4% од номиналниот БДП, а номиналниот БДП ќе биде поголем од  проектираниот на почеток на годината, ова се макроекономски параметри кои што гарантираат стабилност. Да сумирам состојбата е стабилна, но мора да се научиме на ред и дисциплина, не може стихијно да се трошат парите и не може преку лажни фактури и лажни баратели да се цица буџетот, изјави Мицкоски.

Зборувајќи за наводните доцнења на социјална помош, премиерот истакна дека Владата нема да дозволи да се злоупотребува истата бидејќи имало случаи кои по различни основи добивале и по 60-65 илјади денари месечно.

-Состојбата е стабилна, но мора да се научиме на ред и дисциплина. Не може стихијно да се трошат парите и не може преку лажни фактури да се цица и да се молзе буџетот. Кога сме кај социјалната помош, има многу случаи каде што социјална помош, а веќе ги анализираме, се зема по неколку основи. Имаме социјални коишто примаат ГМП, гарантирана минимална помош, но и други помоши до 60-65 илјади денари месечно, по неколку основи што ги добиваат. Тоа е крадење, тоа е незаконски. Да, ќе го прочистиме и ќе го филтрираме списокот на корисници на гарантирана минимална помош затоа што се грижиме за државата и се грижиме за иднината на државата, потенцираше Мицкоски.

Тој исто така додаде дека и покрај лошата состојба и безредието во кое се наоѓаше државата по преземањето на мандатот, се направи консолидација и веќе се бележат врвни економски резултати во Европа според нашиот БДП.

– Ние можеме сето ова под тепих да го ставиме, колку собираме, толку да делиме да ја задолжуваме државата, но дали е тоа одговорно за генерациите по нас? Не, ние треба да ја консолидираме, ја консолидиравме. Да не ве потсетувам од каде почнавме, немавме држава, немавме систем, уништено беше сè. За година ипол се консолидира, бележиме резултати економски коишто се врвни во Европа, за нашиот БДП, да се разбереме, да не бидам погрешно сфатен. Е сега кога сето ова ќе го имаме предвид логични се овие предизвици, не е нешто нелогично, но мора да има ред и дисциплина, истакна Мицкоски.

Ако е тоа политичката цена којашто треба оваа влада да ја плати, којашто води дисциплинирана, политика без скандали, којашто ги брани националните интереси, политика на дисциплина, ред и поредок, во ред, потенцира тој, ќе ја платам.

-Но, мора да има ред и дисциплина. Не може веќе стихија, фирми инстант да ни се појавуваат, фиктивни фактури да пријавуваат за увози милионски, а потоа милионски суми поврат на ДДВ да бараат дека наводно робата им е складирана во магацин и без контрола на УЈП да им се враќа ДДВ-то. Е тоа веќе нема и затоа се таму кај што се, во притвори и во затвори. И допрва ќе има, рече Мицкоски.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2