Connect with us

Култура

„Д Фестивал“ меѓу 10 најдобри на „Европските фестивалски награди“

„Д Фестивал“ е официјално избран меѓу 10 најдобри фестивали во Европа за претстојните „Европски фестивалски награди“ (European Festival Awards 2025) – најпрестижното признание на европската фестивалска индустрија, соопштија денеска од тимот на фестивалот.

– По завршувањето на јавниот избор во кој за номинираните фестивали гласаше публиката од цела Европа, нашиот фестивал влезе во потесната листа на 20 најдобри, а потоа, по гласовите на меѓународно жири составено од водечки експерти од музичката индустрија, „Д Фестивал“ се пласираше и во финалниот „shortlist“ на најдобрите 10 фестивали во својата категорија – историски успех и огромно признание за македонската независна фестивалска сцена, се наведува во соопштението.

Според европските стандарди за музички фестивали, како што се истакнува, „Д Фестивал“ е во најтесниот избор во категоријата „Најдобар мал европски фестивал“, односно со капацитет 10.000 посетители дневно, а во финалето е заедно со фестивали од Швајцарија, Данска, Италија, Холандија, Романија, Бугарија и Србија.

– „Д Фестивал“ влегува во финалето со најдобрите во 2025 како единствен настан од Македонија, а во децениската историја на фестивалските „оскари“, тој е втор македонски фестивал што успеал да се искачи до листата на 10 најдобри, по „Таксират“ што се запиша во оваа селекција со своите изданија во 2016 и 2022 година, се додава во денешното соопштение.

Се истакнува дека пласманот меѓу најдобрите фестивали во Европа претставува силна меѓународна валидација за долгогодишната посветеност на фестивалот – за уникатниот програмски концепт, продукција, уметничката програма, доживувањето за посетителите и развојот и брендирањето на нови локациски идентитети.

Се појаснува дека победниците во секоја категорија ќе бидат објавени на официјалната церемонија на „Европските фестивалски награди“, што ќе се одржи на 14 јануари во Гронинген, Холандија.

– „Д Фестивал“, основан во 2011 година, е препознатлив како единствениот „open-air“ – фестивал во Македонија што се одржува секоја година со тридневна мултидимензионална програма. Фестивал што секоја година гради уникатна фестивалска заедница, посветена на слободниот креативен дух, инклузивноста и одржливите практики. Годинава сепак останува забележана и како една од најтешките во историјата на фестивалот. Неколку месеци пред одржувањето на настанот, трагедијата што ни се случи во Кочани остави длабока траума и трага врз целата музичка сцена и заедница. По трагедијата во Кочани, „Д Фестивал“ се посвети на хуманитарната мисија, откажувајќи се целосно од приходот од влезници и истиот го донираше во соработка со иницијативата „Support Кочани“. На хуманитарниот „Д Фестивал“, оваа година во Штип настапија: Д Систерс оф Мерси, Соулфлај, Инер Сркл, Томи Кеш, Кирил Џајковски, Буч Кесиди, Мизар, Архангел, Фолтин, Прљаво Казалиште, Љубојна, С.А.Р.С., Драган Мијалковски, Дина Јашари, Паркети, Пијан Славеј, Доуп Куќата и уште десетици други музички артисти од Македонија, се додава во соопштението.

Следното издание на „Д Фестивал“ веќе е закажано за 26-28 јуни во Штип.

– Објавен е и првиот хедлајнер – IDLES – британските панк-рок ѕвезди и моментно еден од најважните live бендови во светот, во зенитот на својата кариера пристигнуваат за првпат кај нас. Во продажба се и првите, Ран Корморан влезници, достапни на веб-сајтот и благајните на „МкТикетс“, се додава во соопштението.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 1