Connect with us

Економија

Димитриеска Кочоска: Прераспределбата на средства меѓу буџетските корисници е вообичаена пракса

Прераспределбата на средства меѓу буџетските корисници е вообичаена пракса и нешто што се случува во континуитет. Се случува како резултат на тоа што за некои ставки гледаме дека нема да се реализираат до крајот од годината и дополнуваме таму каде што има потреба, посочи денеска министерската за финансии Гордан Димитриеска Кочоска и додаде дека дел од средствата од прераспредалбата ќе одат за Бехтел и Енка. 

-Некако сме изненадени за нешто што се случува во континуитет. Претходниот министер двапати имаше прераспределба во 2023 година на крајот од годината, две прераспределби покрај ребалансот. Значи ова е вообичаена пракса која што не е исклучок годинава, рече Димитриеска – Кочоска на денешната прес-конференција во Владата во одговор на новинарско прашање.

На прашањето дали прераспределбата се врши за исплата на задоцнетите средства за породилно отсуство, рече дека  не знае дека се доцни за породилно два месеци, ниту, пак, има информација за тоа.

-Напротив ФЗОМ секогаш дава приоритет на исплата на овие средства. Вие велите се доцни, јас немам таква информација. Треба да најдеме и да докажеме меѓутоа со исплати на сметка, затоа што секогаш некој може да каже дека на него лично нешто му се случува. Можеби некоја родилка тукушто се породила и трае процедурата додека да се средат документите, па ќе излезе дека се доцни месец или два. Да ги видиме оние другите коишто се во систем, па да видиме дали доцни или не. Така што не можам да се согласам со тој дел дека имаме задоцнување. Зошто ја правиме прераспределбата – повторно кажувам се случува како резултат на тоа што некои ставки гледаме дека нема да се реализираат до крајот од годината и дополнуваме таму каде што има потреба, прецизира Димитриеска Кочоска.

Кај Министерството за одбрана, како што рече, има прераспределба во рамки на нивниот постоечки буџет и не им се одземаат пари за исплата за пензија.

-Пензиите се земени од други стапки, не се од Министерството за одбрана, рече Димитриеска Кочоска.

Порача дека одлуката да продолжат со стапка од 5 проценти ДДВ за становите ја донеле врз основа на анализите што ги правеле.

-Одлуката дека ќе продолжиме со 5 проценти стапка на ДДВ кај становите ја носевме врз основа на анализата која што ја направивме. Еве резултатите ги потврдува и Државниот завод за статистика. Да напоменам кога станува збор за ДДВ ние правевме анализи за останатите земји па и во поширокиот регион. Една Словенија која што има повисок стандард има 9,5 проценти стапка на станови, а притоа и ДДВ-то за останатите стоки и услуги е многу повисоко отколку нашата. Што значи она што беше најсоодветно во овие услови беше ДДВ да остане на ист процент. Сметам дека сега кога економските показатели укажуваат на тоа дека особено градежништвото има експанзија, немаше потреба од дополнителни трошоци коишто на крајот од денот ќе ги платат граѓаните. Нашата цел е да ги заштитиме граѓани и да го заштитиме нивниот животен стандард, рече Димитриеска Кочоска.

Во одговор на прашање рече дека има многу поголем интерес за Граѓанската обврзница отколку што очекувале.

-Во овој момент интересот е многу поголем од тоа што ние го објавивме. Чекаме да видиме што ќе се случува до 10-ти, а потоа ќе објавиме точно кој е износот, меѓутоа има интерес, посочи Димитриеска Кочоска и додаде дека ќе го прифатат сето она за коешто има заинтересираност.

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 3