Connect with us

Економија

Народна банка: Операционализација на плаќањата преку СЕПА за државата и за државните институции

Народната банка на Република Северна Македонија и НЛБ д.д. Љубљана потпишаа договор за меѓусебна соработка, кој ѝ овозможува на Народната банка да започне со плаќања преку СЕПА. Со овој договор, како што соопштија од Народна банка, од 9 декември 2025 година државата и државните институции ќе можат да плаќаат и да примаат средства во евра, согласно стандардите на СЕПА, побрзо, побезбедно и со пониски и фиксни надоместоци.

Договорот го потпишаа гувернерот на Народната банка Трајко Славески, претседателот на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, Блаж Бродњак и членот на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, Антонио Аргир.

Од Народна банка посочуваат дека наместо досегашните просечни трошоци од 14 евра за плаќање преку кореспондентните банки, плаќањата преку СЕПА ќе чинат 3 евра за електронските налози и 5 евра за хартиените налози, а сите приливи преку СЕПА ќе се наплатуваат 3 евра. Имајќи предвид дека 80 отсто од вкупните одливни плаќања и 90 отсто од вкупните приливи на државата се во евра, пониските надоместоци директно ќе овозможат поголеми заштеди за државата и за државните органи.

-Со овој значаен чекор Народната банка, покрај регулаторната и надзорната улога во платежната сфера, ја потврдува и својата оперативна улога во обезбедувањето подобри и поквалитетни услуги за државата и за државните органи во извршувањето на прекуграничните плаќања, истакна гувернерот Славески.

Претседателот на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, Блаж Бродњак нагласи дека му  претставува чест што се избрани за банка одговорна за обработка на плаќањата преку СЕПА за Народната банка на Република Северна Македонија, упатувајќи благодарност за укажаната доверба.

-Ова достигнување претставува значаен чекор кон подлабока интеграција со платниот систем на Европската Унија и ја поддржува пошироката цел за интеграција во ЕУ. Оваа пресвртница се надоврзува на нашето неодамнешно воведување на услугата „Епл пеј“ (Apple Pay) за сите наши клиенти во ЈИЕ и успешното влегување на „НЛБ банка“ Скопјe во шемата на кредитниот трансфер преку СЕПА, дополнително зајакнувајќи ја посветеноста на Групацијата НЛБ за поттикнување на финансискиот развој и иновациите во Северна Македонија, изјави Бродњак.

По пристапувањето на  нашата земја кон СЕПА, со што за граѓаните и за компаниите веќе се овозможени побрзи, побезбедни и поевтини плаќања во евра, Народната банка како банкар на државата им овозможува и на државните институции да ги користат придобивките од СЕПА. На овој начин, ќе се овозможат значителни заштеди за државата и за државните институции при извршувањето на прекуграничните плаќања во евра со четириесетте земји членки на СЕПА. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1